Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Заев и Николовски: Повеќе нема недопирливи – казната за корупцијата ги опфаќа сите

Сподели:

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев заедно со заменик-претседателот на Владата задолжен за борба против корупција, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, по владината седница на која беше усвоен Планот за борба против корупцијата, на прес-конференција информираа за деталите и ги претставија мерките за синхронизација на институциите на системот за негова оптимална поставеност за борба против сите феномени на корупција, на судир на интереси и на непотизам, на сите нивоа, како една од нај подмолните закани за општеството и за сите граѓани во него.

 

 

Премиерот Заев соопшти дека планот е производ на политичката волја, со кој Влада ќе се избори за искоренување на корупцијата и за тоа се воспоставени јасни механизми за соработка меѓу сите институции, а воедно да се охрабрат и граѓаните и медиумите да зборуваат јавно и гласно.

„Тоа придонесува за ред, правда и дисциплина. Сериозно ги зедовме предвид забелешките од последниот извештај на „Транспренси интернешнел“ и ги вградивме во овој План. На тој начин ги елиминираме пречките и поставуваме функционален систем за институциите кои стојат во првите борбени редови против корупцијата. Тие ќе го спречуваат, препознаваат и санкционираат секој вид на корупција во сите редови на власта без исклучок. Владата и граѓаните се на истата страна во борбата против корупцијата“, истакна премиерот Заев.

 

 

Планот има за цел да спречува корупција на актуелната власт, но и да ги открива и демонтира коруптивните инсталации на режимското владеење пред нас.

„Овие инсталации се продрени до најситните пори на институциите. Тие го попречуваат функционирањето на системот, вклучувајќи го и правосудството. Тогашното режимско владеење на сегашната опозиција го трошеше парите на народот за да се богатат тие и партијата. Тие ја одгледуваат корупцијата, ја всадија и толерираа насекаде, за да им биде простено за нивните злодела. Епа, не им е простено, оти тоа не го правеле од незнаење или несвесно, туку смислено, намерно, злонамерно“, наведе претседателот на Владата Заев.

„За ваквите злодела, против претходната криминална власт, денеска се водат судски постапки, некои се осудени, некои се уште се судат. Додека тие одговараат пред лицето на правдата, ние продолжуваме со демонтажа на нивните остатоци по системот. И нема да запреме додека не завршиме во целост со тоа. И да, секој од нас треба да е свесен, дека ако било кој помисли да го прави истото, треба да е спремен да се соочи со правдата – а правдата е тука, ете ја, секој ден по рочиштата и низ судниците. И додека тие се бореа да нема правда, ние, уште од првиот ден на првиот мандат почнавме со активна транспарентност. Тоа е антикорупциски лек за многу системски болести низ системот“, истакна премиерот Заев.

Премиерот Заев посочи дека оваа Влада постави стандард од кој нема враќање назад и воведе ред и домаќински однос при трошењата.

 

 

„Како ретко која земја, го отворивме трезорот. Граѓаните, медиумите, можат да ја следат секоја трансакција направена со парите на граѓаните. За кус период од сега ги очекуваме и новите унифицирани веб-страни на министерствата кои ќе бидат услужно-ориентирани и според највисоките стандарди за транспарентност. Овие и другите мерки за зголемување на транспарентноста ја позиционира нашата Влада на прво место во регионот по отвореноста и транспарентноста според истражувањата на граѓанските организации веќе неколку години по ред“, информираше премиерот Заев.

Тој посочи дека Влада покажа одлучност за спречување неодговорно владеење и преку усвоениот Кодекс за етичко однесување за членовите на Владата и носителите на јавни функции, кој даде резултати веднаш и овозможи санкционирање на неетичко однесување на неколку функционери, а воедно испрати порака до сите останати, дека неетичкото однесување нема да остане неказнето.

„Нашата антикорупција значи постојано вклучен аларм за штетното и разорно дејство на корупцијата, со цел заедно со граѓаните да се спротивставиме и на најситното подмитување. Медиумите сега откриваат и известуваат за случаи за кои порано на власта не и се слушаше, а подоцна за таквото известување се затвораа цели медиумски куќи. Ги охрабрувам медиумите и понатаму да го прават тоа низ нивното секојдневно известување и особено преку истражувачкото новинарство да продолжат да бидат партнери на граѓаните во оваа борба. Со разрешници на предметите за висока корупција и докажавме на опозицијата дека залудни се обидите за дејствување против правната држава. Граѓаните веќе сведочат дека нема привилегирани и недопирливи. Казната за корупцијата ги опфаќа сите“, нагласи премиерот Заев.

 

Сподели: