Заев-Мицкоски: Одложен е пописот и локалните избори

Сподели

 

На денешната лидерска средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски договорено е пописот да се одложи, од април за периодот, од 5 до 30 септември годинава. Ова е клучното прашање што го договорија лидерите на двете најголеми партии во земјава.

ВМРО-ДПМНЕ нема да го бојкотира претстојниот попис, а за возврат власта се согласи да го одложи одржувањето на теренското попишување.

Поради ова, одржувањето на локалните избори наесен ќе биде одложено од првата половина на октомври за втората половина на октомври.

Заев изјави дека за време на паузата за одлагање на пописот се консултирал со албанските партии од актуелната власт – ДУИ и БЕСА и тие се согласиле за ова прашање, а консултации направил и со државниот врв, вклучувајќи го и директорот на Државниот завод за статистика. Во среда за ова прашање премиерот ќе се консултира и со лидерите на албанската опозиција – Алијансата на Албанците и Алтернатива.

Во меѓувреме, и покрај тоа што пописот е одложен за во септември, веб-апликацијата за евидентирање на дијаспората ќе биде отворена за иселениците до септември, така што дијаспората ќе може да се самопопишува до одржувањето на пописот во земјава.

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев изјави дека власта покажала доблест за сите разумни и конструктивни барања на опозицијата.

Веќе утре во собраниска процедура треба да влезат измените на Изборниот законик за воведување скенер за земање отпечаток од прстот (фингерпринтови) за време на гласањето и власта се согласува за исполнување на ова барање на опозицијата за нејзино учество на претстојните локални избори наесен.

Од друга страна, премиерот Заев рече дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ се согласила да го одблокира работењето на Собранието на РСМ, вклучувајќи го усвојувањето на законот за изградбата на новиот Клинички центар во Скопје, именувањето на новите раководни тела на МРТ и на АВМУ, усвојување на новиот закон за продолжување на рокот за легализација на бесправно изградените објекти во земјава, како и да се даде неопходната финансиска поддршка на економијата од петтиот ковид пакет.

Опозицијата нема да ги блокира и шесте закони поврзани со пензионирањето до 64 години, но и за сите други закони кои се однесуваат на борбата со ковид-19 пандемијата и за реформската агенда во врска со интеграцијата на земјата во ЕУ.

Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски рече дека денешната средба била успешна, а со Заев заедно ја оставиле отворена вратата и за следни средби меѓу власта и опозицијата. Во однос на претстојните избори, Мицкоски рече дека во делот на Изборниот законик разговарале и за имплементацијата на препораките на ОБСЕ и ОДИХР, а ќе се преговара и за воведување на отворени листи за советнички групи на претстојните локални избори и за избор на градоначалник во првиот круг од локалните избори со освоени 30 отсто од гласовите. Првото барање е на власта, а второто на опозицијата.

И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека тие како партија ќе го деблокираат работењето на Собранието.

Тоа што е закочено во Собранието, се согласивме да биде откочено, изјави Мицкоски.

Тој додаде дека за да има конструктивна опозиција мора да има и конструктивна власт, напоменувајќи дека неопходен е дијалог и довербата се гради взаемно. Мицкоски ги отфрли шпекулациите дека на средбата се разговарало за формирање на преодна влада или каква било друга влада во која би учествувала опозицијата.