Вести Македонија Став Ударни вести

Заев: Можно решение за името при отворањето на Уставот за влез во ЕУ

Сподели:

Премиерот Зоран Заев смета дека е можно конечното решение на спорот со Грција околу нашето име да биде врзано влезот на Македонија во ЕУ.

– Можеби конечното решение ќе биде врзано со гласањето на Македонија, како граѓани, со давањето на нашиот суверенитет на ЕУ, во која сакаме да бидеме членка и тогаш се отвара и Уставот, можеби и тука е решението, поради тоа што знаете дека Грција бара и промена на Уставот, заради промената на уставното име. Јас сум убеден дека креативноста ќе ги изнајде овие решенија, вели Заев, во интервју за Радио Слободна Европа.

Тој прецизира што останува како нерешено прашање во преговорите, поради, како што вели, сензитивноста на прашањето, но истакнува дека за се што се преговара, е всушност условено и дека ако нема конечно решение, ништо од досега договореното нема да важи.

Во однос на информациите дека всушност опсегот на употребата на новото име е она на што сега се фокусирани преговорите, Заев објаснува која е всушност пречката.

– Сега ерга омнес се појави дополнително и за внатрешна употреба, но се работи за политичко прашање. Зошто политичко? Затоа што двете страни мора да изнајдат решение коешто е взаемно прифатливо, за да помине низ институциите на двете земји. На крајот Зоран Заев и Алексис Ципрас можат да подадат рака, да постигнат договор, Никос Коѕијас и Никола Димитров исто така, но институциите се тие коишто го носат конечниот став и одлуките, така и граѓаните на двете земји. Затоа мораме да водиме грижа и да бидеме креативни во изнаоѓање на решение, кое ќе ги задоволи барем минималните потреби на двете земји, а тоа е да има достоинствено решение и да се сочува идентитетот на двете земји со заемно разбирање и почит, вели Заев.

По јасниот руски став, пренесен преку рускиот амбасадор во земјава, на прашањето што Русија може да направи во однос на нашето членство во НАТО, Заев е уверен дека Москва не може ништо да направи за да го спречи тоа.

– Тие имаат свои ставови. Македонија е мала земја која е пријател со Руската федерација и која сака да биде пријател. Нашето членство во НАТО не е да напаѓаме, туку да го сочуваме мирот, а тоа значи стабилност и во економска смисла, вели Заев.

Во однос на економската состојба и прогнозите на експертите дека за економски напредок на земјата потребен е раст од 5% , Заев признава дека тие се во право, и дека е оптимист оти Македонија годинава ќе ја заврши со раст од 4%, наместо прогнозите на хартија од 3,2%.

Прашан за изборното ветување дека на портата Македонија ќe биде поставен бројчаник кој ќе ги покажува украдените пари од претходната власт, Заев вели дека тоа ќе го оствари, но мора да има правослини пресуди за осомничените.

– За да може некој да ги врати украдените пари и да се конфискува имот мора да има правосилна пресуда, по што почнува постапката за враќање на украдени пари, имот, на обештетување на државата. Јас тогаш реков, бидејќи државата нема пари, јас приватно ќе поставам еден бројчаник кој чини околу 5-6 илајди евра, веќе проверив. Тоа не е заради суета, туку да остане спомен за следните генерации дека тој што ќе украде од државата ќе биде фатен и ќе треба да ги врати украдените пари, вели Заев во интервјуто за РСЕ.

РСЕ

Сподели: