Заев: Очекуваме на 20. или 21. ноември средба на Нимиц со преговарачите

Сподели

 

Премиерот Заев очекува на 20. или 21. ноември да се одржи првата средба меѓу преговарачите од Македонија и Грција со посредникот на Обединетите нации во решавањето на спорот со името, Метју Нимиц.

„Ова е навистина актуелно прашање и во Македонија. Логично беше по завршувањето на локалните избори, да се направи нов обид за решавање на овој суштествен или чувствителен проблем, кое што го има Република Грција со нашето уставно име, а коешто е истовремено пречка за нашите интегративни процеси. Процесите веќе почнуваат, на 20 или 21 ноември очекуваме да се направи првата средба помеѓу преговарачите од двете земји, со медијаторот Метју Нимиц.

Во ноември очекуваме тие преговори да се интензивираат.

Ние во Македонија се обидуваме да изградиме национален консензус, сите, Претседателот на државата, Владата, опозицијата, но во функција на наоѓање решение, а не на негово одложување.

Навистина градиме пријателски односи и со Република Грција. И во ваква пријателска атмосфера, јас верувам лично, искрено, верувам дека може да се најде решение и на ова горливо прашање.”

“Македонија влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име“, одговори Претседателот на Владата на РМ, Зоран Заев на новинарско прашање во однос на проблемот кој Република Грција го има со името на нашата земја, по средбата со премиерот на Република Словенија, Миро Церар.