Заев: Планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата (ВИДЕО)

Сподели

Учениците во Македонија имаат премногу предмети, а имаат лоши знаење, во образовниот систем досега многу се експериментираше, а најмногу штета претрпеа децата, учениците и студентите. На Македонија и е потребен образовен систем кој во иднина само ќе се надоградува, а не постојано да се менува.

Ова се дел од пораките кои ги испрати премиерот Зоран Заев во денешното негово обраќање на Конференцијата за образование во организација на УНИЦЕФ.

Тој рече оти ќе се менуваат законите, Владата преку Министерството за образование веќе почнала со ревизија на наставните планови и програми, а започната е и ревизија на учебниците.

– Следната година ќе почне и опремувањето на основните и средните училишта со современи лаборатории, што ќе придонесе во практичната настава и зголемување на интересот на учениците за наставните содржини. Исто така, планираме да го намалиме бројот на предмети во училиштата. Учениците да можат да ги стекнуваат знаењата главно на училиште, за да имаат повеќе слободно време дома. Така ќе ги ослободиме од психолошките притисоци на обврска за постојано механичко седење над книгите, што знаеме дека не дава резултати – рече Заев.

Во високото образование, како што рече премиерот, се размислува да има пократки студиски програми, од три години, а за да ги развијат и надоградат афинитетите на учениците во понатамошното образование планирани се и механизми со кои ќе се насочуваат децата кон она што го можат.

Образложувајќи ги реформите во основното образование, министерката за образование и наука Рената Тренеска Десковска истакна дека наскоро на јавна дебата ќе биде ставен материјалот за реформи во првите три одделенија од основното образование.

– Целта е да се понуди образование што ќе биде прифатено од децата и кое што ќе им понуди квалитетно образование особено во делот на јазичната и математичната писменост каде што Македонија е всушност и најслабо рангирана, рече министерката која додаде дека дали овие промени ќе бидат најнапред воведени во пилот училишта или не зависи од јавната дебата.

Странува збор, појасни таа, за измена на целокупниот наставен план за прво одделение како наставните содржини што се учат, оптеретеноста на децата, фокусот, методите на учење… Возраста за почнување на децата на училиште нема да се менува.

Во однос на проемните на системот на оценување што го најави премиерот, Дескоска Треневска кажа дека треба да се оценува суштинско знаење и извлекување заклучоци. – Тоа ќе биде дел од вкупниот пакета на реформите, рече министерката.

Тренеска Дескоска имаше исто така обраќање на тридневната Конфереција „Квалитетно образование за раст, резултати и подобра иднина“, чија цел е да се отвори јавна дебата за тоа како најдобро да се забрза реформата во образованиот систем и да се подобри квалитетот на образованието за да се намали јазот меѓу земјата и успешните образовни системи.

Претставникот на УНИЦЕФ Бенџамин Перкс, истакна дека децата треба да се подготват за свет кој никогаш не престанува да се менува и токму затоа реформите во образовниот сектор не значат премин од една статична положба во друга, туку постојан и континуиран напор на падаговијата да остане во чекор со промените.

На конференцијата присуствуваат околу 500 учлесници кои ќе имаат можност да слушнат меѓународни образовни експерти, реномирани лидери и поборници за квалитет, рамноправност и ефикаснсот на образовните системи. Присуствуваат и експерти на Светската банка, УСАИД, ОЕЦД, како и од Словенија, Хрватска, Албанија и Србија.