Вести Македонија Ударни вести

Заев – Жбогар: Очекувања за успешни преговори со ЕУ

 

Претседателот на Владата, Зоран Заев се сретна со Самуел Жбогар, шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава, кој го завршува својот мандат во земјава.

 

 

Премиерот Заев изрази голема благодарност до евроамбасадорот Жбогар за неговиот голем и значаен придонес во демократските процеси во нашата држава и во сите важни политички процеси, во коишто се отворени евроатлантските перспективи на нашата држава. Претседателот на Владата, Заев, констатираше дека амбасадорот Жбогар на професионално и принципиелно ниво и работејќи со срце, се вложи во добрата иднина на граѓаните и државата.

На состанокот се изразени очекувања дека Република Северна Македонија, според очекувањата, успешно ќе ги почне очекуваните преговори со ЕУ. Оценето е дека е видлива нова енергија за ефективна работа, по изборот на новата Влада, што дава надеж дека државава ќе продолжи да работи уште поактивно и според принципите на европските вредности.

„Владата е формирана на стабилни основи и очекувам во еден полн мандат, низ заедничко работење внатре во владината коалиција и со одговорно однесување на сите политички субјекти, да покажеме резултати во квалитетот на живот на граѓаните, кон подобрување на животниот стандард и функционална правда“, рече премиерот Заев.

На средбата е оценето дека граѓаните ги почитуваат храбрите и искрени одлуки на политичарите коишто отвораат перспективи и дека во периодот што претстои, по затворањето на предизвиците што го блокираа развојот на државава, отворен е простор за засилен економски развој. Изразена е надеж дека успешниот пример на напредок на Република Северна Македонија ќе биде поттик за сите држави во регионот, кон европските интеграции.

Сподели: