Фејсбук ќе ангажира 10.000 лица за изградба на својот „метаверзум“

Сподели

 

Фејсбук планира да ангажира 10.000 луѓе во Европската Унија кои треба да работат на развивање на таканаречениот „метаверзум“, јави „Би-би-си“.

Метаверзумот на Фејсбук е онлајн простор каде луѓето ќе можат да работат, комуницираат и играат игри во виртуелна средина, со користење на слушалки за виртуелна реалност. Неговата изградба е еден од најголемите приоритети на технолошката компанија.

„Метаверзумот има потенцијал да помогне да се отклучи пристапот до нови креативни, социјални и економски можности. И Европејците ќе го обликуваат уште од самиот почеток“, се вели во објавата на Фејсбук.

Новите работни места кои ќе се отворат во следните пет години вклучуваат „високо специјализирани инженери“. Инвестирањето во ЕУ нуди многу предности, вклучително и пристап до голем потрошувачки пазар, првокласни универзитети и висококвалитетни таленти, велат од Фејсбук.

И покрај историјата на купување на своите ривали, Фејсбук тврди дека метаверзумот „нема да биде изграден преку ноќ од една компанија“ и вети соработка со повеќе организации.

Компанијата неодамна инвестираше 50 милиони американски долари во финансирање на непрофитни групи кои би помогнале метаверзумот да биде изграден одговорно.

Но, од компанијата сепак велат дека изградбата на метаверзумот може да потрае уште 10 до 15 години.

Неколку критичари сметаат дека новите објави околу метаверзумот се дизајнирани за да го свртат вниманието по серијата скандали кои го погодија Фејсбук во последните месеци и по зголемените повици за регулирање со цел да се ограничи неговото влијание.

Дел од нив вклучуваа откритија на свиркачот Френсис Хоген, која работела како менаџер на производство во тимот на Фејсбук. Внатрешно истражување на Фејсбук откри дека апликацијата Инстаграм, која е во негова сопственост, влијае врз менталното здравје кај тинејџерите.

мета.мк