Започна големата акција за озеленување “Зелена Општина Илинден”

Сподели:

Општина Илинден и оваа година ја реализира традиционалната акција за озеленување „Зелена Општина Илинден“, со која продолжуваат активностите за унапредување на животната средина и создавање позелени и поуредени јавни простори.

Почетокот на годинешната акција беше одбележан со засадување на 20 декоративни садници во новоизградениот парк во населеното место Дељадровци, кој денеска официјално беше пуштен во употреба.

Паркот се простира на површина од околу 1000 квадратни метри и располага со летниковец, детско игралиште со соодветни реквизити, клупи за одмор, корпи за отпадоци и комплетно осветлување, создавајќи пријатен простор за рекреација и дружење на жителите.

Акцијата за озеленување денеска се спроведе во сораборка со ТАВ Македонија со што се продолжи повеќегодишната соработка помеѓу Општина Илинден и оваа општествено одговорна компанија.

Во акцијата учествуваа градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски и генералниот директор на ТАВ Македонија Неџат Курт, како и вработени од општинската администрација, вработени од ТАВ Македонија, како и вработени од ЈКП Илинден.

Градоначалникот Георгиевски истакна дека зачувувањето на животната средина и грижата за екологијата претставуваат заедничка обврска на сите граѓани, нагласувајќи дека Општината континуирано реализира активности насочени кон унапредување на еколошките услови. Преку ваквите иницијативи се цели кон создавање почиста, позелена и поздрава општина, но и кон подигнување на свеста кај населението за значењето на заштитата на природата.

Притоа, тој изрази благодарност до сите општествено одговорни  компании кои донираа садници за поддршката и придонесот во реализацијата на еколошката акција, истакнувајќи дека соработката меѓу локалната самоуправа, приватниот сектор и граѓаните е од особено значење за создавање подобри услови за живот. Со заеднички ангажман и континуирани активности, Општината останува посветена на обезбедување на почиста и позелена животна средина за сегашните и идните генерации.

Генералниот директор на ТАВ Македонија истакна дека грижата за животната средина има посебна вредност и  долгорочна определба за компанијата.

„Особено ми е драго што нашата зелена иницијатива „Садиме денес за одржливо утре“ продолжува и оваа година, потврдувајќи дека грижата за животната средина е долгорочна определба на ТАВ Македонија. Ваквите акции имаат посебна вредност кога зад нив стои заеднички ангажман, затоа сакам да им се заблагодарам на сите наши колеги од скопскиот аеродром кои волонтираа, како и на градоначалникот и вработените во Општина Илинден за поддршката и партнерството. Верувам дека грижата за животната средина се покажува преку дела, а ваквите заеднички иницијативи се можност да придонесеме за промени што ќе имаат вредност и во годините што доаѓаат. Вистинската вредност на овој чин ќе се почувствува и ќе се цени уште долги години служејќи како траен подарок за идните генерации“, изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Во наредниот период акцијата ќе продолжи со засадување нови садници на повеќе локации низ општината, во соработка со компаниите, граѓаните, учениците, јавните претпријатија и општинската администрација. Предвидено е озеленување на просторот покрај пешачко-велосипедските патеки, улиците, локалните патишта, училиштата, детската градинка, спортските терени, како и во делови од населеното место Мршевци, чии површини беа зафатени од пожарите во текот на летниот период.

Со продолжување на ваквите активности, Општина Илинден ја потврдува својата заложба за континуирано озеленување, обновување на јавните површини и создавање почиста, поздрава и позелена општина за сегашните и идните генерации.

Сподели: