Започна кампањата за Парламентарните избори 2024

Сподели

Денеска почнува кампањата за парламентарните избори, кои ќе се одржат на 8 мај.

Кампањата за изборите за пратеници ќе трае до 6 мај, по што ќе започне дводневниот молк пред 8 мај – денот на одржување на парламентарните и вториот круг од претседателските избори.

Во трка за пратеничко место во собранието се 17 партии и коалиции.

Коалицијата „Европска иднина“ предводена од СДСМ ја стартува парламентарната кампања со настан „Нема откажување од иднината“ во Скопје, а ќе има и митинзи во Демир Капија и во Гевгелија. Активности ќе има и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“, пак, традиционално ќе ја почнат кампањата со митинг во Охрид, а ќе се претстави и кандидатката за претседател Гордана Силјановска Давкова.

Коалицијата „Европски фронт“ најави активности во Скопје  за конститутивна седница  на победничко собрание од Парламентарните избори на 8 мај 2024 и претставување на претседателскиот кандидат Бујар Османи, како и централен митинг во Куманово. Во Куманово митинг ќе има и Движењето ЗНАМ и претседателскиот кандидат Максим Димитриевски. Во Штабот на Коалиција Вреди кај плоштадот Скендербег во Скопје е најавена перс-конференција на претседателскиот кандидат Арбен Таравари и на носителите на листите на кандидати за пратеници во сите изборни единици.

Претседателскиот кандидат на Левица, Билјана Ванковска кампањата за претставување на изборната програма ја продолжува со митинг во Велес, на кој ќе се обратат и претседателот на Левица и носител на листа на ИЕ1 Димитар Апасиев и носителот на листа на ИЕ3 Борислав Крмов. Најавени се активности и на останатите учесници на изборите со кандидатски листи Коалцијата „Храбро за Македонија“ која ја сочинуваат ГРОМ, ПЦЕР и Интегра, партиите Македонска Ера Трета, Демократи, Аваја, Твоја партија, Родина Македонија, Единствена Македонија…

Претставници на подносителите на листи за кандидати за пратеници во Собранието вчера напладне во Кристалната сала на законодавниот дом, го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, со исклучок на неколку помали партии и коалиции.