Со завршна вечер во киното „Фросина“, вечерва ќе биде затворено 14. издание на Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“. Програмата започнува во 19 часот, со презентација на филмовите и креативните проекти што младите ги создаваа во рамките на работилниците.
Ќе бидат прогласени и најдобрите филмови на фестивалот, како и учесниците што ќе ја претставуваат Македонија на Филмскиот фестивал во Џифони во 2027 година.
Во изминатите пет дена, младите учесници следеа филмски проекции, дискусии и работилници за краток и документарен филм, филмска фотографија, мјузикл, ликовна уметност, сториборд и 3Д-печатење.

Посебно внимание привлече документарниот филм „Кој те создаде“ на финската режисерка Ирис Харма, посветен на развојот на вештачката интелигенција. По проекцијата, младите имаа можност да разговараат со режисерката за филмот, технологијата и предизвиците што ги носи нејзиниот брз развој.


