Во целата досегашна приказна за прославата на 35 години независност, јавниот повик беше претставуван како почетна точка, а потоа следеше изборот на „Стардаст“, најавата на Дејвид Гета и целата реализација на програмата. Но, договорот кој сега го објави „Слободен печат“ го покажува редоследот многу поконкретно: на 8 мај во 10:41 часот пристигнува единствената понуда, а договорот за 300 милиони денари е склучен истиот ден.
Објавените документи повторно ни покажуваат како парите на граѓаните се користат за обогатување на мал број луѓе, додека институциите ги заобиколуваат законите и ја приспособуваат државата според нивните интереси. Наместо јавните средства да служат за подобрување на животниот стандард на мнозинството, тие повторно стануваат извор на профит за оние кои се најблиску до власта и ја имаат привилегијата да склучат однапред договорени зделки, реагираат од ВЛЕН.
Од страната на „Стардаст“ договорот го потпишува Миа Милошевска, основач и управителка на компанијата, ќерка на Бобан Милошевски од „Авалон“. Истата „Стардаст“ само два месеци претходно добила 1.850.610 денари од Државна лотарија, а потоа станува единствен понудувач за организацијата на прославата вредна 300 милиони денари.
Во претходните објаснувања на институциите, Комисијата беше претставувана како дел од процедурата која требало да ја разгледа понудата и да утврди дали се исполнети условите. Но, сега документот покажува дека договорот е склучен само неколку часа откако пристигнала понудата. А каква понуда требало да разгледаат? Документ од околу 100 страници кој содржел целосен концепт за повеќедневна програма. И сето тоа требало да го направи тричлена Комисија, која за неколку часа не само што требало да ја прочита документацијата, туку и да ја разгледа програмата, да ги провери условите, да ги оцени критериумите врз основа на кои наводно се избира најповолниот понудувач и да го заврши целиот процес доволно брзо за истиот ден да биде составен и потпишан договор вреден 300 милиони денари.
Очигледно во Државна лотарија тричлена комисија има супермоќи: за неколку часа успева да направи евалуација за која на секој нормален човек би му биле потребни денови, а паралелно со тоа се составува договор од 300 милиони денари.
Во самиот договор не стои името на Дејвид Гета, туку се предвидува ангажман на „артист од А класа“. Само неколку дена подоцна, на 12 мај, Владата и „Авалон“ веќе јавно го претставуваат токму Гета како главна ѕвезда на прославата. Тоа значи дека постои документарна празнина од неколку дена која мора да се пополни: ако Гета бил дел од концептот што бил доставен на 8 мај, каде е тоа наведено и со какви финансиски услови; ако не бил, кога е договорен и врз која одлука е додаден во веќе склучен договор? Кај проект вреден 300 милиони денари, ваквите детали не можат да бидат занемарани.
Дополнително, договорот од 8 мај е документ со кој се презема обврска од 300 милиони денари, додека решението на Министерството за правда со кое спонзорството е утврдено како спонзорство од јавен интерес е донесено дури на 16 септември. Барањето до Министерството, според објавените документи, било доставено на 12 август. Оттука произлегува едно многу конкретно прашање: врз која правна и институционална основа е склучен договорот на 8 мај, ако потврдата за јавниот интерес е побарана дури три месеци подоцна? Ова не го решава прашањето дали прославата имала јавен интерес; го отвора прашањето кога и врз која основа тој интерес бил утврден како основа за конкретното спонзорство.
Кога ќе се стави целата хронологија на едно место – единствената понуда пристигнува на 8 мај во 10:41 часот, договорот за 300 милиони денари се склучува истиот ден, само четири дена подоцна Владата и „Авалон“ го најавуваат Дејвид Гета, а дури месеци подоцна се бара и утврдување на спонзорството како проект од јавен интерес – станува сè потешко да се прифати дека токму јавниот повик бил моментот во кој проектот реално се креирал.
Напротив, оваа временска линија докажува дека која компанија ќе ја реализира прославата било однапред усогласено, а потоа јавниот повик и формалната процедура биле употребени за тој однапред договорен избор да добие институционална форма, информираат од Левица.


