Зголемена наплата на буџетските приходи, строга фискална дисциплина

Сподели:

Владата го усвои Предлог-буџетот за 2026 година, којшто според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претставува продолжување на позитивните трендови во економијата, со јасна цел остварување забрзан економски раст и спроведување фискална консолидација преку строга фискална дисциплина.

„Фискалната политика за 2026 година ќе биде насочена кон одржување на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност. Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Исто така, ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг.

Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, а вкупните расходи изнесуваат 413,9 милијарди денари. На тој начин продолжуваме со спроведување строга фискална дисциплина, при што растот е поизразен на приходната отколку на расходната страна. На ваков начин, буџетскиот дефицит изнесува 39,2 милијарди денари, односно 3,5% од БДП, што претставува намалување за 0,5 процентни поени во однос на 2025 година“, рече министерката за финансии.

„Се очекува забрзување на реализацијата на капиталните проекти коишто се во позрела фаза а се финансирани од Буџетот, но истовремено се очекува и започнување на реализацијата на најавените проекти во патната и железничката инфраструктура, како и во здравството и во образованието. Позитивен придонес кон инвестициите се очекува и од реализацијата на инфраструктурните проекти во општините во следниот период. Очекуваме токму овие капитални проекти да бидат главен двигател на економскиот раст во 2026 година којшто е проектиран на 3,8%. Позитивно влијание врз растот се очекува и од приватните инвестиции, како и од приватната потрошувачка поддржана со растот на платите и пензиите“, посочи Димитриеска-Кочоска.  

Со предложениот Буџет, во 2026 година се обезбедува редовна исплата на плати и пензии, како и континуирани социјални трансфери. За социјални трансфери се проектирани на 206,3 милијарди денари, што претставува зголемување од 6,7%, за плати 52,6 милијарди денари или 7% повеќе во однос на оваа година, како и 116,8 милијарди денари за пензии што претставува раст од 9,7%.

Потенцира дека се продолжува со мерки кои обезбедуваат одговорно управување со јавните финансии, постепено намалување на расходите и одржливо ниво на буџетски дефицит и јавен долг.

Сподели: