Вести Македонија Ударни вести

Жан Патрик Конрад: Академик Старделов е интернационална референца и нов столб на хуманизмот

Сподели:

 

По повод смртта на академик Георги Старделов, се огласија негови колеги и содејци, врвни авторитети, кај нас и во светот.

Жан Патрик Конрад, професор по физика на Империјал колеџ во Лондон, Велика Британија и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите со седиште во Париз, на авторот на овие редови:

-Академик Старделов, како прв Македонец кој се здоби со Светската награда за хуманизам, со целокупното негово дело од доменот на литературата, естетиката и филозофијата, е вистинска интернационална референца и нов столб на хуманизмот што Свети Климентовиот Охрид, ќе го претставуваат идните генерации во светот.

Во име на Светската академија на хуманизмот, од Париз, се огласи амбасадорот Јордан Плевнеш, основоположник на Академијата:

-Местото на Старделов е во врвот на светската цивилизација, бидејќи, кога Старделов ќе ја изговореше парадигмата Veltšmerc (свет и бол), тогаш и македонскиот бол станува дел од светскиот, со сите негови дела, со кои е присутен на повеќе од 50 јазични простори, на сите светски меридијани. Затоа што Старделов ја објаснуваше сличноста помеѓу двата збора – бескрај и Македонија и затоа што бескрајот и Македонија се слични, оти граничат со самите себе.

Акладемик Старделов е првиот и засега единствениот Македонец кој ја добил Светската награда на хуманизмот.

Тој, на 19 јануари, требаше да говори за последниот добитник на престижното светско признание, на церемонијата на прогласување на академик Абдулах Шарчевиќ, добитник на Светската награда на хуманизмот, за 2021 година.

Како што појаснува амбасадорот Јордан Плевнеш, академик Старделов својата беседа за Шарчевиќ, ја завршил на 30 декември 2019 година и истата ќе биде прочитана.

По повод смртта на академик Георги Старделов, Македонската академија на науките и уметностите и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје, претпладнево, одржаа заедничка Комеморативна седница, преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација.

Погребот на академик Георги Старделов ќе се изврши денеска на Градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

Веле Митаноски

Сподели: