Жбогар се надева дека конечно ќе има одлука за старт на преговорите со ЕУ

Сподели

 

Северна Македонија ја заврши својата задача и сега на ред се земјите членки, но мислам дека ѕвездите се местат и се надеваме конечно да видиме одлука за старт на преговорите за членство, изјави амбасадорот на ЕУ во земјава Самуел Жбогар во интервју за ТВ „24“

„Вашата земја ја заврши својата задача, спроведувајќи ги сите реформи, вклучително и усвојувањето на Законот за јавно обвинителство, така што сега на ред се земјите членки. Се е на маса и тие ќе мора да разговараат и да донесат одлука. Се воздржувам од преголем оптимизам затоа што никогаш не се знае ако некое ново прашање од некоја страна ги наруши дискусиите. Но, во моментов мислам дека ѕвездите се местат и се надеваме конечно да видиме позитивен резултат,“ вели Жбогар.

Според него, сите земји членки на Унијата се задоволни од методологијата за преговори, па затоа не очекува големи проблеми околу нејзиното усвојување до Самитот на ЕУ на 26 март, на кој би требало да се разговара за носење одлука за старт на преговорите за членство со земјава и со Албанија.

Законот за јавно обвинителство, Жбогар го оцени како добар, и вели дека не ги минува црвените линии и е донесен во согласно со процедурата.Тој смета дека администрацијата е подготвена да ги спроведува неопходните реформи во текот на преговарачкиот процес, но дека и треба мотивација.

За влијанието на одлуката за старт на преговорите врз изборите, Жбогар вели дека и ако нема и ако има датум, некој секогаш ќе рече дека тоа влијаело на изборите и на резултатот. Според него, важно е ЕУ да донесе одлука не за Владата или за некоја партија, туку за земјата и за граѓаните кои беа толку трпеливи толку долго.