“ЖЕНИТЕ СЕ УБАВАТА СТРАНА НА СВЕТОТ” – Интервју со Славчо Максимовски

Сподели

 

Во едно сиво време за секој од нас додадовме многу силни бои! Сите заедно! Убавите жени на мојот народ, песната на Конески зборува за жените од неговото време. Секој уметник треба да е уметник на своето време – Славчо Максимовски, академски сликар 

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Македонската жена и нејзината присутна енергија ја пренесе во твојата изложба “Убавите жени на мојот народ”. За тебе, македонската жена е столб, борец и победник. Како го распозна сиот овој спој во 29 – те избрани жени?

Максимовски: Првичната инспирација за да почнам да истражувам секако е песната на македонскиот великан Блаже Конески. Македонија неспорно изобилува со убави и успешни жени на кои треба да им се даде огромна почест. Мојата идеја беше да направам едиција, во која ќе има успешни жени со различни професии од различна возраст, дел од јавниот живот а дел кои не се јавни личности, но секако се значајни и инспиративни. Во суштина почитта кон жената секогаш е мала и секогаш жените ја заслужуваат повеќе.

 

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Изложбата се состои од фотографии на успешни жени, без бариери и предрасуди. Станува збор за комбинација на класична фотографија, цртеж во комбинирана техника и дигитална обработка односно фото манипулација. Секоја од нив е со посебен спој на бои и колорит.

 

 

Максимовски: Секоја визуелна приказна која е прикажана на дел од фотографијата всушност претставува приказ на нивната интимна вистина видена низ моја призма на апстрактен начин. Класичниот израз на фотографирање со минимална обработка е со цел да се прикаже суштинската убавина на македонската жена. Таа има секогаш силен блесок, восхитува и зрачи.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Ќе изјавиш дека од нивните приказни и разговори со нив си научил многу. Дека најважната работа е да се биде и остане човек: чиста, искрена, приземна и своја! Според тебе тоа е најтешко, но не и недостижно. Колку беше достижно сето ова додека ги твореше делата?

 

 

Максимовски: Секогаш тргнувам од тоа, да се биде човек, кон секого. Тоа и всушност сме, или треба да сме!? Целиот процес беше исклучително интересен за мене, а секако и предизвикувачки. Слушнав многу возбудливи приказни, добивав одговори кои просто во моментот ме замислуваа или ме оставаа без текст. Имаше и помал број на жени кои сметаа дека не треба да се најдат во овој проект, некои од оправдани свои причини, но исклучително сум среќен и бескрајно благодарен што баш овие жени се дел од оваа приказна. Често сакам да кажам дека тие самите се избраа, јас само ги поканив. Секоја од нив остава еден белег и печат на ова време. Ова секако е едно големо искувство за мене, еден поинаков начин на идеализирање на жената како совршенство на природата. Овие жени се убавите хероини на сегашноста, секоја од нив поинаква на свој начин но сите убави во својата суштина.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Со изложбата “Убавите жени на мојот народ” се претстави во Скопје, Куманово, а последната беше во Загреб каде што беше изненадувачки добро прифатена и со голема посетеност. Каде ќе патуваат убавите жени? Која е твоја и нивна следна дестинација?

 

 

Максимовски: Оваа изложба предизвика огромен медиумски интерес во Македонија а секако и во Загреб, Хрватска на моја особена чест и задоволство. Нескромно ќе кажам дека поради сите жени тоа и го заслужува. Во план е во следниов период повторно да се постави во Загреб  во прекрасниот Културен центар “Тоше Проески “, кој е во склоп на црквата Св. Злата Мегленска, но на подолг период. Секако меѓу следни дестинации ќе биде и Белград.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Преку уметноста ја презентираш и поезијата на Блаже Конески. Се јавуваш како културно-уметнички самостоен амбасадор во и надвор од државата. Публиката е воодушевена. Дали државата ти помага во твојата мисија?

Максимовски: Реалноста за поддршка на културата и културните работници кај нас е јасна. Живееме во време на квази професионализам кој е на пиедесталот за разлика од вистинските професионалци. Тотална партизација која неспорно е осудена на пропаст, за жал. Можам да кажам дека за досегашните мои проекти сум добивал два пати суми кои се смешни и да се кажат. Веќе не ни аплицирам, за да се поштедам себеси од однапред  јасен стрес. Конкретно за Загреб, проектот не е покриен од министерството туку од спонзори кои ја поддржувааат мојата работа. Треба многу да учиме од цивилизираните културни центри во другите земји. Често сум надвор од Македонија и добро знам како се почитува културата во тој свет, каде што достоинството на тоа да си уметник е оправдано. Мојата уметност секако е базирана надвор од овде, но каде и да сум секогаш ја претставувам Македонија. Секако за тоа чувство не се аплицира во министерство.

ДЕНЕС МАГАЗИН: Делата раскажуваат за животот, борбеноста, мистиката, страста, херојството, непокорноста на патот кон успехот. Дали и ти го следиш тој пат во творењето на уметноста и приватниот живот?

 

Максимовски: Секако. Се трудам да го сликам чувството на реалната вистина на која припаѓаме. Сите ние сме само сега тука, во овој свет… Во следните години светот ќе биде место за сосем други и поинакви генерации. Мојата приказна изобилува со сета совршена несовршеност на жената која ми е вечна муза. Но таа низ своите зеници секогаш ги крие сите бајки на стварноста која ни се фрла врз лице. Секогаш е сведок на своето време. Ги следи и болките и тагите и радостите и насмевките…за вечноста. Културна револуција и визуелен бунт, константен непокор за да се роди зракот на убавото и доброто!

 

ДЕНЕС МАГАЗИН: Според тебе “Уметноста ќе го смени светот!” Каков сакаш да го гледаш светот?

Максимовски: Нормален! Со широко отворени очи, свет полн со живот, проживеан, изживеан, надживеан…Не живот во сон. На крајот на сопствената приказна треба да сме задоволни од благословот кој ни е даден со животот. Сите несреќи би требало да не потсетат колку тој процес е краток, а колку алчноста и ние како битија сме безначаен фактор наспроти природата. Сепак тоа секогаш многу брзо го забораваме. Се надевам дека  ќе дојде ден кога луѓето ќе ја разберат вистинската вредност на животот. Секој од нас има само еден живот. Тоа е доволно да го сфатиме на време. Сакам свет со бои на радост! Вистинска, суштинска радост, без филтри.

 

Подготвил: Соња Ајановска Деловска, Денес магазин