ЗНАМ: Јавноста ќе биде информирана транспарентно за сите договори со ВМРО – ДПМНЕ

Сподели

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во досегашната работа е отворено и транспарентно во однос на информирањето на јавноста за чекорите што ги презема во остварувањето на зацртаните политики и стратегии.

Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во тој дух ја информираше јавноста дека  ги отпочна преговорите за соработка со ВМРО-ДПМНЕ и учество во идната влада, како и дека во кусиот период на разговори, може да се каже дека истите се во завршна фаза.

Движењето ЗНАМ- За наша Македонија, како што истакнуваше и во кампањата за парламентарните избори, разговара и преговара многу сериозно со ВМРО ДПМНЕ врз основа   на платформа, со која настапи и на параламентарните избори, наречена „Проглас  за достоинствена
Македонија“.

За Движењето ЗНАМ е важно Република Македонија да е демократска, современа, модерна, европска држава, втемелена врз Крушевскиот манифест и асномските принципи. Република Македонија да е самоодржлива држава, која произведува сопствена храна и енергија, што индиректно придонесува  во јакнењето на независноста и суверенитетот на државата.
Република Македонија како држава во која правдата е еднаква за сите и нема неказнивост и неказниви и селективност. Држава која промовира нулта толеранција кон корупција и ефикасно се справува со организираниот криминал.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија исто така информира дека со ВМРО-ДПМНЕ е разговарано и за одредени ресори, но тие во овој момент не се докрај дефинирани, ниту потврдени, а разговорите ќе продолжат во наредните денови.

ЗНАМ  потенцира дека во духот на транспарентноста во работата и почитта кон граѓаните и  јавноста, Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, навремено и точно ќе ги соопшти сите детали за кои е постигнат конечен договор за соработка и учество во идната влада. Движењето ЗНАМ – За наша Македонија како политички субјект има квалитетни  кадри кои можат да одговорат на предизвиците со кои се соочува државата во било кој ресор. Конкретните кадровски решенија и одлуките  за тоа ќе ги донесат органите на Движењето ЗНАМ, низ доодветна интерна партиска процедура и истите ќе бидат соопштени во јавноста.
Секоја шпекулација за одредени имиња и ресори Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ги оценува како неточни и невистинити.