Вести Македонија

Зоран Трајчевски: Имам притисоци од повеќе страни, но нема да им подлегнам

Сподели:

sovet-za-radiodifuzija-sednica2

Имам притисоци од повеќе страни, потврди за „Мета“ директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски, на прашањето дали политичките партии се обидуваат да влијаат врз него.

– Имам притисоци од повеќе страни, но нема да подлегнеме и ќе работиме професионално и транспарентно како и досега – вели тој.

Ад хок телото за назор на медиумите со три гласа „за“ и со еден „против“ во петокот одлучи ААВМУ да поведе прекршочна постапка против телевизите „Нова“ и „Сител“ за неизбалансираност во известувањето.

За другите радиодифузери чие известување беше предмет на набљудување, не беа констатирани прекршувања на Изборниот законик.

Во случајот на телевизија „Нова“, за предлогот на членот Горан Трпеноски гласаа членовите Љубомир Костовски и Љуљзим Хазири, а против беше членот Цветин Чилиманов. Предлогот се однесува на поведување постапка за прекршување на членот 75, став 1 од Изборниот законик. Во образложението се вели дека „се забележува негативно врамување на одредени личности и континуирано известување со позитивна рамка и со позитивен тон за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и за носителите на власта“.

На 16 септември се констатира дека во рамки на „Отворено студио“ од 20 часот, водителката се вмешувала со навивачки начин во дијалогот меѓу министерот за финансии и неговиот заменик. Таа настапувала со поостар тон со претставникот на СДСМ, а во функција на поддржувач на претставникот на ВМРО-ДПМНЕ. Во исто време, на кајронот постојано се емитувани цитати со изјави на министерот, со што се истакнувал неговиот дел од изјавите, што е недвојбено навивачки и може директно да се припише на тој што ја подготвувал емисијата.

За време на дискусијата по овој предлог беше најавено издвоено мислење на спротиставениот член и беа презентирани информации од страна на телевизија „Нова“ дека СДСМ систематски не ги информирала за партиските активности, одбила интервју со лидерот Зоран Заев и не обезбедувала свои учесници во информативните и во дебатните емисии на телевизија „Нова“, што директно влијаело телевизијата да не може во целост да ги претставува партиските ставови.

Одлуката за поведување прекршочна постапка за телевизија „Сител“ се однесуваше на два члена од Изборниот законик, 75, став 1 и 75 – б, кој регулира објавување на прилози за активности на државните органи во прилог на претставување на политички субјект. За овој предлог на Костовски гласаа членовите Трпеноски и Хазири, додека Димишкова и Чилиманов беа против.

meta.mk

Сподели: