Левица обелоденува сериозни индиции за криминал и непостапување на низа државни институции, каде се узурпира државен имот и незаконски се наплаќаат пари, кои завршуваат во приватни џебови. Се работи за Автокамп „КРАНИ” (Ресен), кој согласно увидот во катастарски документи, е лоциран на земјиште во сопственост на на Р. Македонија.
Овој автокамп никаде формално-правно не постои, затоа што за овој субјект никогаш НЕ Е ПОДНЕСЕНО Барање за формирање автокамп, согласно Законот за автокампови, кој датира од 2013 година. За еден автокамп да може да функционира и да наплаќа закуп, истиот мора да е соодветно категоризиран и да е евидентиран во Регистарот на категоризирани автокампови, информираат од партијата Левица.
Но, за автокампот „Крани” никогаш не е поднесено барање, со цел истиот да добие дозвола за работа. Иако, за ваквите сериозни НЕЗАКОНИТОСТИ запознаени се и Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат, истите не постапуваат! Очигледно, ниту трагедијата со дивоградбата ,,ПУЛС”, која со години работела незаконски, не е доволна за власта и институциите да почнат професионално да ја вршат својата работа и да стават крај на ваквото безаконие и самоволие на поединци.
“Скандалозно е што државен имот е узурпиран од страна на компанијата „АГРОПЛОД ДООЕЛ Ресен”, на која уште во 2004 година ѝ е одземено правото на користење на овој имот. Но, сепак, оваа компанија (очигледно заштитена од локални моќници) незаконски и УЗУРПАТОРСКИ стопанисува со државниот имот и го реиздава на трети лица, со што противзаконски се оштетени и државата и граѓаните од кои се наплаќа закуп.
Зошто градоначалникот на Ресен – ЈОВАН ТОЗИЕВСКИ молчи пред сериозниот криминал кој се случува на територија на неговата општина?! Зошто директорот на Државниот пазарен инспекторат – ВЛАТКО СТОЈКОСКИ одбива да утврди дека овој автокамп нема дозвола за работа?! Ќе потсетиме дека и за трагедијата со дискотеката на смртта, одговорноста за нејзиното работење без лиценца беше токму во рацете на Пазарниот инспекторат, но против директорот Стојкоски не е поведена никаква ОДГОВОРНОСТ за неговото непостапување. Овој автокамп-дивоградба не ги исполнува ниту основните услови за противпожарна заштита и истиот непречено функционира.
Левица јавно ја прашува власта: колку трагедии треба да се случат за вашите институции конечно да почнат професионално да работат и да заврши штитењето на локални моќници?!”
