Во октомври 1926 година, биологот, научник и визионер Станко Караман ја поставува основата на Зоолошката градина Скопје во рамките на Градскиот парк. Неговата визија била јасна и напредна за своето време, ЗОО Скопје да биде современ простор за едукација, научен пристап и хуман однос кон животните.

Во период кога ваквите концепти биле реткост, Зоолошката градина била замислена како живо училиште на отворено, место каде генерации деца и возрасни учат да ја разбираат и почитуваат природата. Паралелно со тоа, Караман има значајна улога и во развојот на Природонаучниот музеј на Македонија, заокружувајќи ја својата идеја во која науката и јавниот интерес одат рака под рака. Заедно со музејот и зоолошката градина, тој е основач и на Градскиот Парк во Скопје.
Како истакнат зоолог, Караман верувал дека науката, едукацијата и хуманиот однос кон животните мора да бидат достапни за јавноста и вградени во секојдневниот живот на градот.
По 100 години постоење, Зоолошката градина Скопје останува живо наследство на идејата на Станко Караман, визија што од 1926 година до денес ја негува истата вредност: знаењето, почитта и грижата за природата се темел на одговорно општество.


