Вести Македонија Топ теми Ударни вести

Во матичните книги не се запишани 659 лица – 60% се малолетници

Сподели:

 

Во матичните книги не се запишани 659 лица, а дури 60 проценти од нив се малолетници. Според податоците на Управата за водење матични книги, од пополнетите прашалници на јавниот повик, меѓу „фантомите“ најбројни се Роми (428), потоа Албанци (88), Турци (20), Бошњаци (4), Срби 2 и еден Влав.

Овие податоци ги сподели на прес конференција, заменик-народниот правобранител, Васка Бајрамовска – Мустафа, која рече дека овие бројки се добиени на терен, од невладините организации, како и дека ваквите лица и не можат да одговорат на јавни повици за да се пријават во Матичната книга на родени, во ситуација кога најголемиот дел од нив немаат покрив над главата, не се писмени и немаат средства за комуникација.

„Загрижува дека нема податоци во Управата за водење на матични книги, а граѓанските организации известуваат за деца кои во меѓувреме се родени и чие што раѓање не е запишано или не е започната постапка. И за нив дополнителниот упис ќе претставува проблем“, рече таа, додавајќи дека неажурноста на институциите и бирократијата дополнително го отежнуваат процесот на евидентирање.

Јавниот повик на Управата за водење матични книги беше отворен од 1 април до 1 ноември 2018 година.

„Тие деца што се родиле по фамозниот јавен повик, кој никој од граѓаните – фантоми не го чул и видел, немаат право да се запишат во посебната матична книга на родени. Во одговорот до Народниот правобранител, Управата за водење матични книги посочи дека не располага ниту со информации за место на живеење на лицата, како и за тоа колку од нив се пријавени во центрите за социјална работа“, рече Бајрамовска – Мустафа.

Во 2020 година, од 659 евидентирани лица, 184 поднеле барање за упис, а од нив, само за 44 лица Управата донела решение за издавање извод од посебната матична книга. Затоа, Бајрамовска-Мустафа побара Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, кој е со ограничен рок на траење и истекува за еден месец, да продолжи да се применува уште барем една година.

Сподели: