АА: Со новиот закон ВЛЕН го институционализира онлајн коцкањето

Сподели:

Новиот закон за игрите на среќа јасно покажува дека ветувањата на ВЛЕН за борба против коцкањето биле само изборна политичка измама. Членот 7 од предлог-законот ѝ дава ексклузивно право на Република Северна Македонија за организирање онлајн игри на среќа преку државно друштво. Со други зборови, наместо да се бори против онлајн коцкањето, Изет Меџити го институционализира. „Изет МegaWin“ повеќе не е метафора, туку законска реалност, посочуваат од Алијансата за Албанците.

Во меѓувреме, членот 24 ги обврзува казината и клубовите со автомати да бидат оддалечени најмалку 500 метри од училиштата, но овој услов не важи за обложувалниците. Дури и овој минимален услов за казината не стапува веднаш во сила, бидејќи членовите 180 и 181 ја одложуваат примената до 1 јули 2027 година. Две години чекање, додека нашите деца секојдневно продолжуваат да минуваат покрај вратите на игрите на среќа.

Затоа, неизбежни се прашањата што се поставуваат во овој случај: Зошто обложувалниците уживаат посебни привилегии и се изземени од ограничувањата? Чии интереси се штитат со ова изземање? Дали ова е последица на врските и блискоста со сопствениците на коцкарската индустрија?

Граѓаните многу добро се сеќаваат на случајот „Кожуф“, еколошката катастрофа каде сопственикот на мрежата обложувалници „Sport Life“, Ѓоко Стерјовски, градеше хидроцентрали уништувајќи цели природни подрачја. Изет Меџити тогаш, во својство на министер за екологија, не презеде ниту една конкретна мерка за да го спречи тоа еколошко уништување.

Тогашниот молк и денешниот молк доаѓаат од истиот извор. Моделот не е променет — олигарсите на коцкањето се штитат, обложувалниците се привилегираат, онлајн игрите се легализираат, сè со печат на државата.

Ова не е закон против коцкањето. Ова е закон за реорганизација на интересите на коцкарската индустрија.

Алијансата за Албанците бара вистинско затворање на сите локали за коцкање во близина на училиштата и станбените зони. Укинување на сите законски привилегии за обложувалниците. Целосна транспарентност за државното онлајн организирање на игрите на среќа. Институционална одговорност за секоја политичка врска со олигарсите на коцкањето.

Граѓаните заслужуваат институции што го штитат јавниот интерес, а не политичари и функционери што ја штитат коцкарската индустрија.

Алијансата за Албанците нема да стои со скрстени раце пред закон што повеќе им служи на приватните интереси и е на штета на граѓаните.

Преку своите пратеници во Собранието, и во тесна соработка со граѓаните и движењата против коцкањето, АА ќе предложи конкретни амандмани што ќе го претворат овој закон во тоа што треба да биде — вистински штит за семејствата и за целото општество.

Веруваме дека е можен праведен закон. Но, тој нема да дојде од оние што ги штитат олигарсите, туку од организираниот притисок на свесните граѓани за штетите и последиците што ги носи коцкањето, и од претставниците што имаат храброст да застанат на вистинската страна — на страната на граѓаните.

Алијансата за Албанците е решителна. Ќе се бори во институциите со сите демократски средства што ги дозволува законот, сè додека овој предлог-закон не ја одрази волјата на граѓаните, а не интересите на коцкарската индустрија, додадаваат од Алијансата.

Сподели: