Абе: Јапонија сака обединета Европа

Сподели

Јапонскиот премиер Шинѕо Абе по синоќешната средба со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов во Софија изјави дека Токио сака обединета Европа и оти е фокусиран на стабилноста на Западен Балкан, пренесува МИА.

Абе синоќа ги поздрави напорите на Бугарија како претседавач со Европската унија за промовирање на европската интеграција на Западен Балкан.

Јапонскиот премиер наведе дека благодарение на соработката со Бугарија, контактите на неговата земја ќе продолжат со целиот регион.

Борисов посочи дека Бугарија за време на претседавањето со Советот на ЕУ ќе се обиде да ги забрза преговите помеѓу ЕУ и Јапонија.

Двајцата премиери разговараа и за интензивирање на билатералната економска соработка во сферата на електрониката, автомобилската индустрија, културата и на земјоделството.

Абе е прв јапонски премиер што ја посетил Бугарија. За денеска е предвидено да се сретне и со претседателот на Бугарија, Румен Радев, а потоа ќе отпатува за Србија.