Ахмети до Шасивари: Да го претставуваш деградирањето на албанскиот јазик како напредок е чин на предавство кон Албанците

Сподели:

Отворено писмо на Али Ахмети до Министерот за правда, Јетон Шасивари”

“Почитуван министре Шасивари,

Ви се обраќам јавно за едно прашање кое ги надминува сите политички и институционални несогласувања! Прашање кое е надвор од рамките на правните толкувања, кои вие, намерно или ненамерно, имате тенденција да ги изолирате и ограничувате.

Станува збор за јазичните права на Албанците, за почитувањето на правниот поредок на државата и за спроведувањето на едно право стекнато со големи жртви, политички отпор и институционални напори.

Законот за употреба на јазиците, усвоен во 2018 година и кој стапи во сила во 2019 година, претставува значаен акт и достигнување во остварувањето на јазичните права на Албанците, во согласност со Амандманот V на Уставот и Охридскиот мировен договор, од кој произлегува и со кој е поврзано ова право. Охридскиот мировен договор истовремено претставува пресвртница и темел на правната и институционалната вклученост на Албанците во државата. Усвојувањето на овој закон во никој случај не беше лесен процес. Тој беше постигнат преку долгогодишна политичка заложба, која се соочи со постојан отпор од одредени македонски политички кругови.

Овој закон не е декларативен акт, ниту документ чие спроведување зависи од волјата или секојдневното расположение на носителите на власта. Тој закон е во сила и создава јасни обврски за државните институции. Затоа, со стапувањето во сила, државата имаше и сè уште има обврска да ги обезбеди сите предуслови за негово целосно спроведување: институционалните капацитети, човечките и финансиските ресурси, како и функционалните механизми за надзор.

За жал, во текот на повеќе од две години од владеењето на оваа Влада, се забележува загрижувачки тренд на стеснување на колективните права на Албанците, особено на јазичните права. Слабеењето на правната и институционалната положба на Инспекторатот за употреба на јазиците, преку одземањето на статусот на правно лице, како и маргинализацијата на Агенцијата за примена на јазиците, се показатели и докази за овој ограничувачки пристап во рамките на системот.

Во овој контекст, прашањето за полагањето на правосудниот испит и другите државни стручни испити на албански јазик стана сериозен тест за почитувањето на законот и еднаквоста на граѓаните.

Господине министре, тука не постои никаква правна нејаснотија што би можела да послужи како оправдување за негирање на ова право”. – напиша Али Ахмети.

Сподели: