„За да се спречи поголема опасност за населението од овој регион, АХВ веднаш издаде време забрана за употреба на водата за пиење. Во текот на вчерашниот ден, активностите беа значително проширени, при што инспекциски служби на Агенцијата за храна и ветеринарство земаа дополнителни мостри и тоа од целиот водоснабдителен систем, вклучително и од јавни установи, градинки, угостителски објекти и други кои ја користат водата од овој водоснабдителен систем за пиење и за подготовка на храна.
Во рамки на законските овластувања, Агенцијата ќе ги преземе сите неопходни мерки против сите субјекти кај кои ќе се утврдат пропусти или непочитување на законските обврски.
Апелираме до граѓаните доследно да ги почитуваат препораките на надлежните здравствени институции и локалните власти во однос на користењето на водата за пиење, се до добивањето на конечните лабораториски резултати и целосното нормализирање на состојбата“, изјави директорот на генцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов.
На прес-конференција во Владата, Миланов рече дека во главниот цевковод на водоводната мрежа, на диво, без одобрение, се поставени пумпи кои директно вбризгувале вода од реката Вардар во овој водоснабдителен систем. Продолжуваат инспекциските контроли над операторите со храна во Гостиварско. Целта на вонредните засилени мереки, нагласи, е прецизно да се утврди изворот на контаминација, степенот и обемот на загаденоста, како и да се обезбедат нови релевантни лабораториски резултати врз основа на кои ќе бидат преземени сите понатамошни мерки во конкретниот случај.


