Изложба “ПОБЛИСКУ ОД ЗДИВОТ” на Кристина Хаџиева во КИЦ

Сподели:

Културно Информативен Центар – Скопје, Изложбен салон Империјал 1, 26 јули, 20 часот

ПОБЛИСКУ ОД ЗДИВОТ
Долго време интимноста ја препознавав во односите со другите – семејството, пријателите, партнерот, работата. Секој од тие односи ми носеше нешто вредно, но чувството на вистинска блискост секогаш беше минливо.
Во еден период сфатив дека сè што барам надвор, најнапред треба да го препознаам во себе. Оттогаш моето внимание се сврте кон внатрешниот простор, а таа промена постепено почна да се пресликува и во мојата уметничка практика.
„Поблиску од здивот“ произлегува од тоа искуство. Делата не ги замислувам однапред. Тие се појавуваат низ процес на водење визуелни белешки – мали цртежи, скици и записи кои со текот на времето се поврзуваат и постепено ја создаваат целината. Тој процес ме вклучува целосно. Додека цртам, не се обидувам да стигнам до некаква конечна слика; внимавам на она што се открива во самиот чин на создавањето. Така, делото не е само резултат, туку трага од едно доживување.
Отворањето на изложбата ќе започне со кратка водена медитација. Не како вовед или објаснување на делата, туку како можност секој да се сретне со себе пред да се сретне со нив.

КРИСТИНА ХАЏИЕВА

Кристина Хаџиева (род. 1982, Скопје) е визуелна уметница која работи во областа на цртежот, сликарството, инсталацијата и интердисциплинарната уметност. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2006 година.

Во својата уметничка практика ги истражува интимноста, мајкинството, природата и односот помеѓу видливото и невидливото. Преку суптилен визуелен јазик создава дела што повикуваат на внатрешно согледување, внимателно набљудување и свесност.

Реализирала седум самостојни изложби во С. Македонија и Германија и учествувала на бројни групни изложби и меѓународни проекти. Членка е на колективот МОМИ и на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ). Живее и работи во С. Македонија.
Изложбата ќе биде отворена до 15.08.2026

Сподели: