Вести Свет

„Аја Софија“ после 86 години е „Големата џамија на Агиа Софија“

 

Една од најпосетените туристички дестинации во Истанбул, „Аја Софија“, која од 1985 година се наоѓа на листата за светско културно наследство на УНЕСКО, од музеј, после 86 години, денеска е џамија за одржување на верски обреди.

Вчера на влезот на храмот бил поставен нов натпис, на турски и на англиски јазик: „Големата џамија на Агиа Софија“.

Од раните утрински часови во џамијата пристигнуваат големи групи верници за да присуствуваат на петочната молитва (џума намаз), јавува Агенција Анадолија (АА). Заради пандемијата од корона вирусот, турските власти го ограничиле бројот на верници кои ќе присуствуваат на првата молитва, на 1.453 луѓе, што ја симболизира годината кога Турците го покориле Константинопол. Околу 500 верници ќе ја извршат молитвата во „Аја Софија“, додека останатите ќе се молат надвор, на пет молитвени места покрај џамијата.

Турски медиуми пишуваат дека и покрај големиот број на верници, ќе се применуваат мерки на претпазливост против корона вирусот, задолжителна е употребата на маски, средства за дезинфекција и растојание меѓу душеците за молитва. На 11 места има контролни пунктови каде што ќе се мери температура пред почеток на молитвата, а местото ќе го обезбедуваат околу 20.000 полицајци. Ќе присуствуваат и 736 доктори, над 100 возила на итна помош и санитетски хеликоптер.

Турскиот суд на 10 јули годинава ја поништи одлуката на некогашната влада, според која, од 24 ноември 1934 година „Аја Софија“ имаше статус на музеј. Со овој чин на поништување, музејот станува џамија.

И турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, присуствува на инаугуративните молитви во споменикот од 6 век заедно со речиси 500 достоинственици откако тој се пофали дека го исполнил она што го опиша како сон на неговата генерација и неговата младост.

Турските власти најавуваат дека и понатаму ќе ги чуваат културно-историските вредности на „Аја Софија“. За верските обреди ќе биде надлежна Управата за верски работи на Турција, а за реставрација, конзервација и заштита ќе се грижи Министерството за култура и туризам на Турција. Туристите и понатаму ќе можат да ја посетуваат „Аја Софија“ бесплатно, а фреските на ѕидовите ќе бидат покривани единствено за време на молитва.

Сподели: