Колумна Текстови

АЛО, НОВИ ДЕЧКИ! – Соња АЈАНОВСКА ДЕЛОВСКА

Сподели:

Искрено да кажам многу ми се допадна последната колумна на Горан Михајловски, која впрочем  е првата колумна која точно посочува каде почнува критиката и опомената кон новата влада. Прво отворено соочување со тоа што баравме и што очекуваме.

Околу законот за пушење, јас  имам свои ставови, неколку пати напоменав дека и пушачите си имаат права и не смеат да бидат маргинализирани, но секогаш првенство има мнозинството, но тука ќе го поддржам законот за противзаконското присвојување на тротоарите, кичот во пластиката и проодноста на тротоарите.

Но дали овој закон е приоритет пред социјално-економскиот, судскиот, здравствениот и најболниот, најгорливиот проблем на граѓаните кои се крстеа во нови слободни и заслужени придобивки?

“И баш фино што предлагачите на законот нѐ ослободија од Груевски. Ај сега нека ни ги ослободат и тротоарите”, вели Горан Михајловски

Ова е многу јака порака упатена до новите дечки. Груевски нам не ни треба, и не смее да се повтори. И мислам дека наредните милион години нема да дозволиме таков Груевски да стапи на политичката сцена. Велам таков, затоа што сакале да си признеме или не, тој Груевски стана мит за долго, болно, криминално, диктаторско, фашистичко  и фантастично поимање на болното управување и хипнотизирање на народната маса. Нималку безазлезно и нималку посакувано. Метастаза која треба да се лекува долго со лекови, бавно со терапија, свесно со разум и внимателно со претпазливост. Итна пресуда на секоја почетна сличност и константна контрола за вртење на рбетот на новата власт.

Тротоарите ќе ги ослободат сакале или не во најбрз можен рок. Граѓаните тоа не го заслужуваат, туку тоа е нивно право и тука не треба ни да се споменува. И улиците, и воздухот, и дрвата, и маалата и градот се на граѓаните. Сами си ги ослободија.

Редоследот на нештата за нормално и правично живеење да се постават по ред, стана едно од најтешките предизвици на новата влада. Наследениот хаос тешко преминува во ред. Но, ценам дека наопаку поставените нешта почнаа да се тетерават при спроведувањето, и ми остава сомнеж дека ветеното нималку не е лесно да се реализира, после 11 години тортура на нормалното и човечкото. Сакаме крај на лудилото.

3-6-9 не 69

Здравството за кое секој од нас одвојува пари од мачното работење и незадоволството од приливот на месечните примања и те како го чувствуваме. Кој нам ни е министер за здравство и што тој нам ни ветува? Како да го оценуваме неговото работење кога не знаеме со кое име да го прозиваме? Чинам дека во моментов се вика Група советници при Министерството за здравство? Ако така се вика, тогаш ве молиме ставете столб на институцијата за да можеме да му посочиме, дека измените иако преранети за овие неколку месеци, никако не можеме да не ги видиме, и немаме кого да опцуеме за неажурноста кон болните, неработењето на апаратите за тешко болните, инкубаторите и воопшто за хоророт кој нѐ прати, и кој треба да не земе под своја закрила. Имавте време и даден збор дека лек за овој канцер  ќе има. И тоа на позитивна листа! Сакаме да имаме човек кого ќе го пофалиме или на кого ќе му се пожалиме дека ни е тешко. Име и презиме со своја визија и план. Другото оставете ни го нам, сами ќе пресудиме.

Градоначалници! Ние сега ве бираме. Ве бираме и бараме да седнете да го загреете столчето, со сите сили да го исполните ветувањето кое што го дадовте во изборната кампања. Нема место и простор за извинување, одолговлекување и фаќање криви дрини. Тоа го видовме и доживеавме веќе. Раскопаните улици не смеат веќе да постојат, полните контејнери со ѓубре пред врата и вам  ќе ви мириса, објектите да ги реновирате и зеленилото да го вратите. Точно кој како ветил така и да исполни. Од лаги веќе преку глава ни е, а си ги знаеме и своите права повеќе и од вас. Дрвце – ливче!

Имате пред себе, на чело, човек кој вети и се избори за слободна, модерна и нова Македонија. Го слушавме, му веруваме и многу очекуваме од вас како негови претставници. Се осмелувам да кажам дека ќе бидеме многу дрски при секоја ваша слабост, спокојни со секој ваш успех. За соживот потребни се луѓе, а не веќе видени импровизирани марионети.

Ало, нови дечки! Повелете, сцената е ваша, ние сме вашата публика и критика!

 

Сподели: