Алт: Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределувањето на друга земја

Сподели

 

Пратеничката на Либералната партија во Бундестагот Рената Алт ја повика владата во Берлин да влијае врз Софија за да се отвори патот на Северна Македонија кон ЕУ. Таа бара укинување на принципот на едногласност во ЕУ, пренесува Дојче веле.

„Со своето вето, Бугарија го торпедира секој напредок во процесот на пристапување кон ЕУ. Фактот дека Бугарија го користи своето членство во ЕУ како средство за да изнуди отстапки во историскиот спор со Северна Македонија е целосно неприфатлив и предизвикува повторна штета на процесот на пристапување во ЕУ“, вели Алт. 

Таа смета дека бугарското вето за Скопје ќе му зададе фатален удар на севкупниот процес на проширување на ЕУ и апелира до Владата во Берлин да реагира. 

Пратеничката на Либералите, притоа, бара промени и во принципот на одлучување на ЕУ за во иднина да се избегнуваат слични ситуации.

„Ниту една земја на ЕУ нема право да го негира правото на самоопределувањето на друга земја. По блокадата на Кипар на санкциите на ЕУ против Лукашенко, ЕУ треба конечно да го искористи бугарското вето како повод да го укине принципот на едногласност и со тоа да ја врати способноста на Унијата да дејствува при важни одлуки“, вели Рената Алт.

DW