Македонски Збор: “Пиреј” од Петре М. Андреевски е олицетворение на Македонија

Сподели

 

Македонската литература изобилува со дела, знајни и незнајни, родољубиви и љубовни, преполни со чувства изворни токму од македонскиот народ. Преку делата, денес дознаваме многу за животот во минатото, за убавите мигови на нашиот народ, но и за лошите. Дознаваме за свадбите, за адетите, за славите. Но, дознаваме и за смртта, за болестите кои го навјасале македонскиот народ и за нивната борба со нив. А, можеби најдраго ни е кога преку македонската литература дознаваме како се создаваше и растеше Македонија низ вековите. Борбата за опстој е најпрепознатлива за македонскиот народ. Токму сега, во времиња кога сме соочени со зачувување на нашето наследство, Македонски Збор започна да создава оставнина за идните генерации.

Македонски Збор е иницијатива на неколку ентузијасти кои што поведени од љубовта кон Македонија и почитта кон пишаниот македонски збор, решаваат на свој начин да придонесат за македонската историја и иднина. Тие создаваат видео содржани од македонски дела, интерпретатор кој што гласовно го интерпретира делото и графички дизајн на познатиот карикатурист, под псевдонимот Седо Перо, кој креира македонски мотиви инспирирани од сцените во делото.

Последно дело кое што го креираше Македонски Збор е извадок од романот „Пиреј“ на незаменливиот Петре М. Андреевски. Велика е горда македонска жена, мажена за Јон кој што заминува да се бори на фронтот и ја остава сама со петте деца, Ангеле, Капинка, Роса, Здравко и Ѕвездан. Сите ѝ умираат на раце на Велика. Сите ги испраќа во смрт, сама без никого, олицетворувајќи ја маката и силата на македонската жена во војните. Маестралниот Петре М. Андреевски во „Пиреј“ ни го претставува проклетството на Македонецот кој никогаш не потклекнал. Затоа што Македонецот е пиреј, ниедна војска не го убива, ниедна неправда не го колеба.