Алтернатива Македонија Настани

Андреј Величковски, првак по информатика во државава, трет во светот

Сподели:

Гимназијалецот од Куманово, Андреј Величковски, е неприкосновен добитник на медали на државно ниво по информатика.

Во септември лани тој беше трет во светот, веднаш по претставниците на САД и Кина. Добитник е на бројни награди, медали, дипломи, на олимпијади, на државно, на меѓународно ниво. Ни самиот не знае колку ги има, но за него најзначаен е бронзениот медал што го освои како претставник од македонскиот тим во Јапонија, во септември минатата година.

Тешко е да се избројат сите медали, раскажува по малку срамежливо овој скромен ученик во трета година во кумановската гимназија „Гоце Делчев”.

– Моето најголемо достигнување е на Светската олимпијада по информатика што се одржа во Јапонија. Тоа е најпрестижниот натпревар по информатика и секоја година учествуваат ученици од над 100 земји од светот. Лани прво место освои ученик од САД, второ од Кина и трето јас, вели Величковски.

На натпреварот учествувал со македонскиот тим предводен од Здружението на информатичари, за што претходно морал да ги освои првите места на општинско, регионално и државно ниво.

Наградата ја добил решавајќи алгортими два дена по пет часа. Решавањето на информатичките проблеми за него е најголем предизвик и во тоа, додава младиот информатичар, најмногу ужива. Секојдневно решава по два часа задачи, а кога се подготвува за натпревари и повеќе.

Само пред две недели Андреј освои златен медал на државната олимпијада, а пред еден месец и прво место на државниот натпревар по информатика.

На натпреварите, појаснува Величковски, има од три до пет задачи за што треба да се осмисли алгоритамот, а потоа и да се претвори во код и решението да функционира.

– Задачите конкретно се решаваат со познати алгоритми што можат во идина да се користат во нашето секојдневно функционирање, на пример подобрување одредени состојби во медицината или, пак, на пример како да се најде најкусиот пат од едно до друго место, вели Андреј.

– Материјали за подготовка на македонски јазик речиси нема, има на англиски, можат да се најдат на интернет, вели Величковски.

На овој начин се подготвувал и за светскиот натпревар.

Најинтересни за него се истражувањата на полето на вештачката интелигенција, кои можат најмногу да придонесат да се олесни животот на луѓето во различни сфери. Раскажа дека користејќи алгоритам, во азиски држави такси-компаниите и патниците користат невронска мрежа и вештачка интелигенција што преку компјутер го поврзува секој патник на најефикасен, најбрз начин со такси-превоз.

Неговата професорка по информатика од гимназијата „Гоце Делчев”, Јасмина Денковска, вели дека Андреј е еден од најдобрите ученици кои ги имала во нејзината кариера.

– Тој вредно работи, многу истражува и претходно учествувал на бројни натпревари. Сега веќе ги проширува своите знаења и можам со право да кажам дека постигнува врвни резулатати, вели Денковска.

За поголем дел од учениците програмирањето е тешкотија, но за Андреј тоа е сосем лесно, бидејќи веќе е длабоко навлезен во процесот на програмирање и може да оди само напред.

– Андреј е талентиран ученик, но генерално нашиот образовен систем е таков, програмите често се менуваат, недостасуваат материјали со кои може да се работи. Мора да истакнеме дека учебник има само за прва година, за наредните години се снаоѓаме со дополнителни материјали врз база на донесената програма од Министерството. Но, и покрај вакви услови, гимназијата секогаш по успех е меѓу првите пет училишта во државата, појаснува Денковска.

Андреј ќе продолжи со вежбањето, ќе продолжи да истражува алгоритми што ќе го подобрат нашето секојдневие и најави дека ќе студира информатика. Дотогаш тој ќе продолжи да се натпреварува и достоинствено да ја претставува државата во светот, – пренесе МИА.

Сподели: