Ароматерапија – мирисите позитивно влијаат на човекот

Сподели

Мирисите влијаат на човекот

Во последно време и научно е докажано тоа што луѓето оддавна го знаеле, а тоа е дека мирисите имаат големо влијание на телото и психата на човекот. Така, мирисот на лавандата не успива, мирисот на лимонот не разбудува, мирисот на циметот не прави креативни, ружата не смирува, а ванилата не охрабрува. Неверојатно, но вистинито е дека со вдишување на природно ароматично масло можеме да се ослободиме и значително да ги ублажиме негативните емоции, стресот, стравот, лутината, тагата, депресијата, болката, а да истовремено ги поттикнеме позитивните емоции како што се радоста, задоволството и расположението.

Ароматерапијата е древна вештина на примена на етерични масла на различни начини за релаксација, превенција и лекување. Датира од настарите цивилизации. Дури 4500 години пред Христос, старите Египќани ги користеле во лекување на широк спектар на болести.

Етеричните масла се добиваат со дестилација, процес кој бил пронајден уште пред 2500 години во Индија. Човекот тогаш пронашол како од растенијата да ја земе суштината-душата и мирисот. Процесот на дестилацијата е прилично едноставен. Растенијата (листовите, гранчињата, коренот, смолата) се затвораат во сад под кој се пали оган. Со загревањето на садот се создава пареа која со себе ќе ги земе и активните соединенија и мирисите во цевчињата за ладење. Во нив доаѓа до кондензација и претворање на пареата во смеса од вода и етерични масла кои пливаат на нејзината површина. Така, на едната страна се одвојува водата, а на другата етеричното масло.

За добивање на неколку капки етерично масло потребна е голема количина на растителен материјал. Старите цивилизации знаеле дека е тоа суштината на растенијата и знаеле да ги ценат тие неколку капки.

Со оглед дека претставуваат јаки концентрати од растенијата, тие треба многу внимателно да се применуваат. Тие не се користат како концентрирани масла, туку се разблажуваат со други неутрални масла како бадемово и други. Во спротивно тие може да доведат до несакани последици како: изгореници, алергиски реакции, мачнина, вртоглавица, па дури и труење.

Ароматерапијата (од грчките зборови: aroma – мирис, therapeia – лекување) е позната уште од давни времиња.

Буквално ароматерапија значи лекување со мириси. Се вбројува во алтернативна медицина.

По својата природа е холистичка и комплементарна метода на лекување.

Ароматерапијата е комплементарна, бидејќи се надополнува со другите алтернативни гранки на медицината, па дури и со конвенционалните.

Холистичка, бидејќи го разгледува човекот како една целина т.е. како физичка, духовна, ментална и емотивна индивидуа. При тоа го зема во предвид и стилот на живеење, начинот на исхраната, општествениот живот итн. Делува на отстранувањето на причините за неравнотежата во организмот, па се користи како превентивна метода за одржување на здравјето и равнотежата на целото тело и духот, но и за лекување. Аромотерапијата може да се користи во домот, на одмор, на пат. Таа го релаксира телото, го смирува духот, односно делува на намалувањето на стресот и болката.

Ароматерапијата е една од најпопуларните форми на неконвенционалната медицина, Во Европа, САД, Канада, Австралија и Јапан постојат на илјадници кабинети за ароматерапија, а за неа се напишани и многу книги и се издадени бројни часописи кои се занимаваат исклучиво со оваа проблематика. Влијанието на мирисите на психичката и физичката состојба на човекот се поврзува со лековитите својства на етеричните масла.

Ароматерапијата е идеално чиста, потполно природна метода за ублажување или отстранување на различни тегоби. Се темели на внесување на висококвалитетни растителни масла во човековиот организам. Денешните испитувања, кои се направени во светот, ја потврдуваат ефикасноста на етеричните масла. Тие се во одредена мерка и бактерицидни, а некои помагаат и во лекување на вирусните инфекции. Многу етерични масла го стимулираат обновувањето и растот на клетките и ја регулираат физичката и психичката равнотежа. Многу етерични масла го намалуваат стресот и го подобруваат крвотокот, па делуваат и на намалувањето на болката.

Маслата со својата способност да ги регенерираат ткивата можат да ја зголемат намалената отпорност на организмот.

Со помош на ароматераписките методи, етеричните масла брзо продираат во крвотокот, преку кој се разнесуваат до сите делови на телото. Тие ја враќаат хармонијата и поволно делуваат на органите и системите на кои им е пореметена функционалната равнотежа. Не постои етерично масло кое делува само на една болест или на еден тип на тегоби. Најдобар пример за тоа е лаванда маслото кое покрај тоа што е антисептик, делува и на намалуавањето на заморот и депресијата, го подобрува расположението, а на тој начин делува и на намалувањето на хроничната болка.