Алтернатива Настани

„Аудиција сега“ бара транспарентни конкурси за вработување

Сподели:

 

Иницијативата „Аудиција СЕГА!“, во која се вклучени над 120 невработени театарски работници, преку отворено писмо бара од директорите на националните установи-центри за култура и националните установи-театри поголема транспарентност на јавните огласи за вработување во институциите од областа на театарот.

Во продолжение нивното отворено писмо ви го пренесуваме во целост:

„Почитувани директорки и директори на националните установи – центри за култура и националните установи – театри,

Веруваме дека најголемиот дел од вас се запознаени со постоењето на иницијативата Аудиција СЕГА! – иницијатива на повеќе од 120 невработени или невработени по струка театарски работници (актери, режисери, драматурзи и продуценти). На Светскиот ден на театарот, 27.март, иницијативата прв пат јавно се обрати до министерството за култура со пет барања, како и барање за средба со министерката Костадиновска – Стојчевска. Целта на барањата беше да се изнајде решение за нашиот статус и бројка на невработеност; остварување на редовен и еднаков пристап до ангажмани; повисоки буџети за независната сцена, како и потранспарентно работење на националните установи при вработувања, спроведувања аудиции итн.

На средбата со министерката за култура Костадиновска – Стојчевска, којашто ја остваривме на 5. април 2022 година, дел од барањата беа прифатени и наши претставници од иницијативата се во редовна комуникација и соработка со министерството за култура, со цел спроведување и применување на барањата во пракса.

Во меѓувреме, станавме сведоци на неколку јавни огласи за вработувања во неколку национални установи, но никако да посведочиме на целосно транспарентно споделување на огласите. За да се осигураме дека ова нема да се повтори во иднина, Ви се обраќаме и Вам со следниве барања:

–    Секој повик/конкурс за вработување да се објави на веб страната на Вашата институција

Секоја национална установа треба да ги објавува повиците/конкурсите на својата веб страна. Свесни сме дека дел од установите воопшто немаат или пак, имаат нефункционални и нередовно ажурирани веб страни. Бараме, во најкус можен рок да креирате и/или да ги ажурирате веб страните на Вашите институции. Живееме во 21.век и придобивките од технологијата, како и од електронските медиуми треба максимално да бидат искористени.

–    Ангажирање на минимум 1 невработен(а) актер(ка) во секоја претстава од годишната програма, како и ангажирање на минимум 1 невработен(а) режисер(ка) за некоја од претставите од годишната програма

Со оглед на тоа што веќе се појавија отворени повици за режисерски предлог-проекти за годишните програми за 2023.година, сакаме да ве известиме дека Министерството ги разгледува предлог-образецот за нацрт-годишна програма и предлог-образецот за професионална претстава коишто ние, како иницјатива, ги доставивме до правната служба на министерството пред месец дена. Овие предлог-обрасци треба да содржат нови критериуми и приоритети за програмите на Вашите институции. Од Вас, како поднесувачи на предлог-програмите, бараме да ги испочитувате новитетите во документацијата со цел и ние, како невработени, да добиеме можност за поголема присутност и ангажман во институциите. На македонскиот театар му се потребни разноликост, нова енергија и нови имиња на театарџии.

Поднесување на нови барања за вработувања

Во однос на нашето барање за отворање на нови работни места за актери, режисери, продуценти и драматурзи, на средбата со министерката Костадиновска-Стојчевска добивме одговор дека таа можност ќе биде одложена до следната година. Бараме навремено да изготвите систематизација на работните места врз основа на прецизно изработени функционални анализи, со цел да се утврдат расположливите, но и потребните кадровски ресурси во вашите институции и јавно да ги објавите на вашите веб страни. Во многу институции, голем дел од повозрасните колеги се пензионираат, а постојат и колеги кои со години не стапнале на сцена од најразлични причини, дел не по своја вина. Од центрите за култура и/или театрите коишто немаат вработени режисери, драматурзи и продуценти, бараме да ја поднесат потребната документација во предвидените рокови за, од следната година, да започне предвидувањето и отворањето на работни места за овие невработени театарски кадри. Меѓу другото, отворање на работни позиции за режисери и драматурзи се нема случено од 2014.година.

Исто така, бараме сериозно да започне да се применува склучувањето договор на дело и ангажирање на театарски работници по тој принцип, односно центрите за култура и театрите да пресметаат и побараат средства во материјалните трошоци од своите годишни нацрт-програми и да ги предвидат ваквите ангажмани.

Имајќи предвид дека во периодов што претстои, од државните и приватните академии во РСМ ќе дипломираат нови кадри, нашата бројка од 124 невработени и/или невработени по струка театарски работници значително ќе се зголеми. Од Вас, како директор(к)и на националните установи – центри за култура и театри, бараме соработка, транспарентно и отчетно работење, како и солидарност со своите невработени колеги, кои сй уште ги трпат последиците од пандемијата поради својот работен статус. Промената во самите институциите треба да ја започнете Вие.

На сите вработени колеги, кои до сега ни ја дале својата поддршка, им се заблагодаруваме! Ги охрабруваме да ни помогнат со применување на горепобараното во пракса“, се наведува во отвореното писмо на „Аудиција СЕГА!“.

Сподели: