БЕГСТВО ОД ГРДАТА РЕАЛНОСТ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели

Живееме, значи, во време на портокалова медиумска стварност. Таа стварност е примарна стварност, таа стварност ја маскира и крие нашата вистинска грда реалност и ја убива нормалноста. Портокаловата продукција на книги, културни настани, документарни емисии, флаери, информативно-политички телевизиски програми, одново и наново, ни го креираат и објаснуваат минатото, ни ја определуваат сегашноста и ни ги утврдуваат перспективите. Хиперпродукцијата на документарни филмови, на политичко-информативни емисии, на „научни“ и публицистички дела, нè ни дава простор да размислуваме за она што ни се случува, па дури ни оневозможува нормално, мирно и креативно да мислиме за сопствениот живот.
Портокаловата пропаганда сè веќе промислила за нас и преку испробани методи за манипулација, методи на „скришно“ убедување, методи на „прифаќање без насилство“ ни го сервира како „готов прозивод“. Нè води таа десничарско-популистичка пропаганда во тотален ескапизам, во аксиолошка деноминација на сите појави, настани и персонални идентитети околу нас и во една надреалност блиску до лудило. Секако, на оние малку писмените и освестените, сосема им е јасно дека за портокаловите газди и криминалци „парите се центарот на вселената“ и дека сè ова што ни се сервира како медиумска стварност, сето креирање на хаотична и стресна реалност, сите манипулации, измами и умноболни националистички дрдорења за унитарност, кантонизација, двојазичност…, се само надворешна вербална декорација во функција на остварување на она што Маркс го определуваше како екстра вишок на вредност и акумулација на капиталот во рацете на новокомпонираната портокаловата буржоазија.
Нашата, од медиумите масакрирана стварност, се гледа и низ фактот дека од политичарите се нарачуваат прилози во вести или други информативно-политички емисии, дека може во централните вести повеќе од две третини да бидат посветени на Водачот, дека бесконечно се повторуваат измислици за „странски пари“ и „заговори протв Македонија“, дека се снимаат историски документарни емисии за дневнополитичките потреби на владеачката партија, дека до бесвест се емитуваат владини пропагадни програми, дека безмилосно нè „тероризираат“ со шунд од турбо-фолк и бесконечни турски сериски филмови, дека се нарачуваат испитувања на јавното мислење за да сеат дефетизам. Сè почесто телевизиите во домовите ни внесуваат страв и вознемиреност преку емитување на растргнати трупови, масовни убиства, страдања… Нашите гласноговорници на злото, лагата и глупоста, нè убедуваат да веруваме во нивната небулоза дека сме богата земја со светла иднина под раководство на десничарската власт, иако сите нормални знаат дека нè направија сиромашна, криминализирана и меѓународно изолирана земја. Десет години, скоро непрестано, сеат страв и ни „шепотат“: молчете и гласајте за нас, оти „долга е нашата рака“!
Како да се спротиставиме на медиумската машинерија на власта? Како да побегнеме од коматозната реалност? Како да се спротиставиме на масовните ритуали на портокаловата автореференцијалност, кога секоја симулација, по потреба, се јавува, најмалку, и како дуплирана симулација? Што да се прави во деформиран јавен медиумски простор во кој срамното наследство на портокаловите првенци е изолирано со молчење од мнозинството провладини „новинари“ и „медиуми“? Зарем идиличниот национален аутизам во кој живее мнозинството граѓани е „здрава“ состојба?
Одговорите на овие прашања не се лесни, а отстранувањето на проблемите е особено комплицирано и тешко. Заради тоа не ни може да се сместат во еден ваков текст. Но, секако, едно е сигурно, на местото на пропагандната реалност, нам како нација и поединци, ни треба вистинска и слободна реалност! А, за да излезиме од авторитарната реалност и од пропагандната тортура врз реалноста, мора да ги промениме луѓето кои ја креираат таквата состојба. Дури потоа може да следуваат другите мерки и чекори за бекство од умоболната и грда реалност и за враќање во некаква нормалност. Сè друго е пат кон – бездната!