Земја испоганета од неписменост и злоба – Џабир ДЕРАЛА

Сподели

Сега сите очи се вперени во парламентот. Од пратеничките и пратениците се очекува да стават печат на историската Спогодба меѓу Македонија и Грција. И повторно, нема ништо свечено во тоа, нема достоинствена, нека е и остра, дебата, размена на мисли што доаѓаат од луѓе што читаат и разбираат тоа што читаат, размислуваат длабоко и гледаат далекусежно, одговорни луѓе…

Нема ништо лошо во спротивставувањето на мислите и ставовите, нема ништо лошо во расправијата ако таа е меѓу луѓе со свое јас, со интегритет и гордост. Но, нема ништо достоинствено во слугувањето на тесните интереси на криминална клика. Колку и да е животот во прашање, колку и да се слатки парите, колку и да се испреплетени сопствените интереси со интересите на моќниците – кога ќе се изгуби образот, тоа е како да се изгуби животот. Тогаш им нема крај на грдите постапки. Тогаш и вратите на парламентот ќе се отворат за да влезат насилници што ќе извршат напад на колегите. Тогаш и ќе се затворат ушите и очите, ќе се исклучи мозокот и ќе се биде кукла на далечинско управување.

Национализмот смрди

Национализмот не е облека што се носи секој ден, бидејќи замирисува прилично непријатно уште при првото носење, камоли да се носи секој ден со години. Национализмот не е ниту крава што се молзе, иако само такви националисти видовме сите овие децении. Нечесно е да се поаѓа од сопствени интереси, да се обезбеди пратеничко место по секоја цена, да се менува капата зависно од тоа кој е на власт, да се учествува во историски процес, а да се бранат фамилијарни интереси.

Нечесно е да се биде националист и тогаш кога прашањата немаат, ама баш никаква, врска со етничките прашања. Тоа е расипано извртување на тезите што ја навредува интелигенцијата на оние што им даваат плата на функционерите, „народот“ што би рекле груевистите. Навистина, со интелигенција и политичка култура сѐ послабо стоиме…

Духот на времето

Оваа земја е испоганета од неписменост и злоба. Таа наша, заедничка Македонија, колку и да е мала и опустена, не успеа да се издигне над калта. Постојано на дното, колку и да се трудат поединци и групи, колку и да ни помагаат меѓународните лидери. Замислете, со слоган за заедничка Македонија се шетаа брадестите радикали и сите будалетинки што им се залепија на опашот.

Длабок презир кон животот, една крајна небрежност кон тоа што би требало да се чувствува како свое, како блиско, една неразумна себичност и отсуство на мисла, фатализам, апатија, деструкција… Тоа е духот на Македонија во која живееме сега. Тоа е состојба од која мораме да излеземе час поскоро, ако не сакаме да нѐ голтне мракот, ако не сакаме да се самоуништиме, пред воопшто и да посака некој од страна да нѐ уништи…

Спогодбата со Грција нема да нѐ извлече, но сигурно е добар чекор кон излезот.

Пратениците ќе гласаат разумно

Дури и да се крајно себични, едноставно, пратениците мораат да го изберат најразумното решение за Македонија во овој момент, заради себе лично и нивните најблиски! И да се најсебичните суштества на светот, би требало да знаат дека спогодбата меѓу Заев и Ципрас се случи во еден временски теснец кој најверојатно никогаш повеќе нема да се повтори. И дека Македонија ќе пропадне ако тие не го сфатат значењето на овој процес, па нека е и од себични причини.

Нека им се заканува Мицкоски колку сака на своите, нека им се закануваат миленковци и баграта по Фејсбук. Знаеме добро како тоа изгледа, не е пријатно, но далеку од тоа да е неподносливо. Некогаш е и забавно. Притоа, ќе имаат можност да се запознаат со карактерот на нивната партија влегувајќи во чевлите во кои активистките и активистите за човекови права чекорат со години наназад. Ем, едукативно, ем при носењето на историски важна одлука ќе бидат на страната на доброто, на страната на Македонија, а не на криминалната Фамилија. Значи, ако и до сега биле марионети, сега е моментот да покажат карактер.

Месниот комитет во Прцорек…

Избори на Македонија не и се потребни. Најмалку му се потребни на Мицкоски. Иако некои мислат дека блефира со своите полноќни состаноци на кои се однесува неконтролирано и хистерично (според извори од внатре, во палатата на гревот и криминалот), повикувајќи на избори, тој навистина е убеден дека ќе победи. Нему не му е важно ВМРО-ДПМНЕ, а ниту Македонија. Политиката му го помати умот за многу кратко време. Не гледа добро.

Дури и месниот комитет во Прцорек знае дека партијата се распаѓа, но Мицкоски не. Изборите ќе ги изгуби, а со тоа ќе му обезбеди на својот политички опонент уште четири години власт. И залудно ќе се потрошат време, нерви и пари. И дел од овие пратеници на ВМРО-ДПМНЕ што сега се во парламентот, веројатно ќе ги нема.

Затоа, ќе завршам оптимистички и ќе го изразам своето убедување дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, освен ако не им се заматени умовите или ги притиска „некоја“ странска служба, ќе гласаат разумно, макар и од себични побуди.

Џабир Дерала