Трамп: ОН е клуб за разговор и добар помин

Сподели

„ОН има голем потенцијал, но сега е клуб каде што се собираат луѓето, разговараат и убаво си поминуваат. Многу тажно“

Новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, за Обединетите нации (ОН) изјави дека имаат голем потенцијал, но дека тоа сега е само клуб за луѓе, кој служи за собири, разговори и убав помин, пренесува Anadolu Agency (AA).

Трамп ги критикуваше ОН преку социјалната мрежа Твитер.

„ОН има голем потенцијал, но сега е клуб каде што се собираат луѓето, разговараат и убаво си поминуваат. Многу тажно“, изјави новоизбраниот американски претседател, Доналд Трамп, чија порака следуваше неколку дена откако ОН ја усвои резолуцијата за забрана на изградбата на еврејски населби на окупираната палестинска територија.

Тој претходно побара да се стави вето на одлуката на Советот за безбедност на ОН. Резолуцијата со која се бара „веднаш и потполно“ да се спречат сите активности поврзани со илегалната изградба на еврејските населби на окупираната палестинска територија, усвоена е со 14 гласови „за“, а САД беа воздржани.

„Кога станува збор за ОН, многу работи ќе се сменат по 20 јануари“, изјави претходно Трамп, кој во јануари официјално ќе започне да ја извршува функцијата американски претседател.

Претходно, претседателот во заминување, Барак Обама, изјави дека можел да победи доколку бил кандидат на претседателските избори, на што Трамп реагираше.

„Тој може да го кажува тоа, но јас велам: Нема шанси. Невработеност, ДЕАШ, Обамакеар (Obamacare)…“, напиша Трамп на Твитер.