Бериша се извини на ВЛЕН и го осуди Рама дека се однесува како Лукашенко од Белорусија

Сподели:

Лидерот на албанската Демократска партија Сали Бериша, преку соопштение за медиумите јавно се извини на граѓаните на Македонија за случајот со тројцата функционери на ВЛЕН на граничниот премин Ќафасан и директно го обвини премиерот Еди Рама дека стои зад постапувањето на албанските гранични служби.

Според Бериша, овој чин е сериозен удар врз добрососедството со соседната земја и претставува вулгарен обид да се обвинат соседите и другите за најмоќниот граѓански младински протест во земјата во последните 35 години.

“Со овој чин, наркодиктаторот на Тирана се однесува во регионот на идентичен начин како Лукашенко од Белорусија и поранешниот диктатор на Венецуела, сега во лисици, Мадуро. Грдо дело. Му гарантирам на Еди Рама дека неговата казна е без спас, без враќање. Нека ги затвори границите од сите четири страни, но Албанците дефинитивно му го отсекоа патот”, изјави Сали Бериша.

Извори од граничните служби на Ќафасан од Албанската страна, за албанските медиуми изјавиле дека за тројцата македонски функционери немало забрана за влез и дека тие можеле да го продолжат патувањето и дека проблем имало единствено со патната исправа на четвртиот патник, поради што нему не му било дозволено да влезе во Албанија. Тројцата функционери, како што тврдат албанските гранични извори, самите решиле да се вратат и да не ја продолжат посетата.

Вчера по одржаниот состанок на централното раководство, ВЛЕН порача: “Односите со Албанија, институционалната комуникација и меѓуалбанската соработка не смеат да бидат жртва на тесни партиски интереси. Албанците во Северна Македонија, Албанија, Косово и регионот имаат потреба од повеќе единство, повеќе доверба и повеќе заедничка одговорност. Токму затоа, секој обид за кодошење, лажно известување, политичко подметнување или нарушување на меѓуалбанските односи е штетен, неодговорен и спротивен на интересот на Албанците.

ДУИ, во отсуство на резултати и визија, повторно се обидува преку оркестрирани конструкции да создава недоверба, подметнувања, забуни и погрешна слика. Тоа не е патриотизам. Тоа е политичка нервоза претворена во штета за заедничкиот интерес на Албанците.

ВЛЕН ја почитува Амбасадата на Република Албанија како институција и ја почитува секоја институционална комуникација меѓу двете држави, независно од фактичката состојба кога поединци служат на интерси на политички групации. Институциите се поголеми од дневната политика, а меѓудржавните и меѓуалбанските односи не смеат да се сведуваат на интересите на поединци или такви партиски групации.

Нашата позиција е јасна: ќе продолжиме со одговорна, достоинствена и институционална комуникација со Албанија, во интерес на Албанците, во интерес на граѓаните и во интерес на стабилноста во регионот. Но и ќе бидеме принципиелни и праведни и нема да дозволиме политичките интереси на поединци да бидат позначајни од интересите на Албанците”, соопштија од ВЛЕН.

фото скриншот

Сподели: