Во рамки на 47. издание на фестивалот Скопско лето ќе се одржи камерен концерт насловен „Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангот“ на ФЕЈМС Институт.
Солисти:
Виолина: Веско Ешкенази
Бандонеон: Стојан Караиванов
Пијано: Викториа Бојанова
„Неочекувани поврзувања: Класичната музика и светот на тангото“ е концерт што создава возбудлив спој помеѓу класичната музичка традиција и страстниот свет на тангото. Преку оригинални аранжмани, виртуозна изведба и современ музички пристап, програмата открива неочекувани врски помеѓу европската класична музика и аргентинскиот танго израз.
Во центарот на концертот се тројца исклучителни музичари – виолинистот Веско Ешкенази, концертмајстор на престижниот Concertgebouw Orchestra во Амстердам, бандонеонистот Стојан Караиванов, еден од водечките современи интерпретатори на танго музиката на Балканот, и пијанистката Викториа Бојанова. Заедно со оркестарот, тие носат програма што се движи од Стравински, Моцарт и Менделсон до Астор Пјацола, Карлос Гардел и легендарните танго класици „La Cumparsita“, „El Choclo“ и „Por Una Cabeza“.
Концертот претставува музичка игра помеѓу елеганцијата на класичната форма, импровизацијата, ритамот и емотивната длабочина на тангото, создавајќи вечер исполнета со енергија, виртуозност и силна сценска атмосфера.
Овој концерт е завршен настан на шестдневната едукативна програма на ФЕЈМС Институтот, во рамки на која млади професионални класични музичари од цела Европа престојуваат во Скопје и, под менторство на Веско Ешкенази и Стојан Караиванов, работат на избраните дела во професионално студио, а потоа ги изведуваат на сцена, применувајќи ги новостекнатите уметнички и технички знаења.
Билетите се во продажба на https://www.karti.com.mk/eTickets/TicketList.aspx… а ќе можат да се купат и на влез на Сули ан пред почетокот на настанот со готовинско плаќање.
За освежувањето за време на настанот ќе се погрижат Лабораториум.


