Бигорски манастир: За православните верници – Видео запис за Велигденскиот Пост

Сподели

 

Се наближува периодот на Велигденскиот Пост, кој е од особено значење за Православните Христијани и што најдлабоко ја изразува нашата вера во Воскресението Христово. Тоа е вера која духовно го поткрепувала нашиот народ за да издржи низ сите векови на испитанија, вера што тој ја изразувал на најразлични начини во своето секојдневие. Еден од тие начини било преку пеењето на песни, односно каланди, чие што најголемо и најсилно значење е во тоа што тие пред се’, му зборувале на човекот – не само во храмот, туку и надвор од него. Каланди се пееле пред речиси сите празници, низ улиците, домовите, храмовите.

Во тој контекст, минатата година во Бигорскиот манастир беше изработен видео запис, односно византиска композиција која носи наслов „Денес е Свет и Велик Пост“, во изведба на Ансамбл „Македонија“. И ете, токму следниот понеделник започнува Великиот Пост, за кој Ви нудиме каланда, низ која се слика расположението на народот кој 40 дена ќе се подготвува за средба со Христос – Распнатиот и Воскреснатиот. „Сега е Свет и Велик Пост, сега се свети денови…“, се вели во песната. „Христос оди на страдање за нашето спасение. Кон Него да извикаме и вака да Му речеме: Спомни си за нас Господи во Царството Ти“.

Тимот кој со голема љубов и посветеност работеше на аудио и видео записот, е во состав од: Режија и монтажа: Горан Костадинов, Камера: Александар Ивановски, Кристијан Теодоров, Дрон: Небојша Петревски

Изведува Ансамбл „Македонија“