Вести Колумна Македонија Свет Текстови Ударни вести

БИТКА ШТО МОРАМЕ ДА ЈА ДОБИЕМЕ – Александар ЛИТОВСКИ

Сподели:

 

Александар Литовски

Проблемот поврзан со оспорувањето на нашиот македонски национален идентитет лежи не само во агресивниот големобугарски експанзионизам, туку и во нашиот десничарски национализам, кој е несигурен и неконзистентен заради тоа што во почетокот на деведесеттите се втемели, прво, врз антимакедонскиот национален идеал кој низ историјата се нарекува бугарски врховизам и неговите подоцнежни антикомунистички деривати и, второ, врз православниот националистички фундаментализам поткрепен со митот дека нашата црква, нашите црковно-православни попови, нашите монаси, го бранеле македонското национално име и ја помагале македонската национална борба, што не може да се поткрепи со никакви факти, туку напротив, освен неколку чесни исклучоци, пред четириесет и петата година од минатиот век, сиот црковно-православени клер бил составен од службеници на српската, бугарската или грчката црква и ги спроведувал националистичките политики на своите држави. 

Натаму, оспорувањето на нашиот македонски национален идентитет е поврзан со сè она што се случуваше со македонското револуционерно движење, од основањето на Македонската револуционерна организација под егзархискиот „чадор“ на царфердинандова Бугарија, па до нејзините десничарски, легални и нелегални, деривати во наши дни. Како една идеја за слобода и национално самопотврдување може да се изобличи до ниско и туѓонаемничко политиканство и отворен тероризам, до грандиозна измама во корист на големобугарските интереси, до измама којашто со децении може да пустоши низ главите на една провинцијална, селска, заостаната и мизерна емигрантска полуинтелигенција во Софија и низ главите на она множество полумакедонци кои беа претворени во, безусловнолојални, царски главорежачи низ Македонија и Европа, сè уште, чека историски објективно и македонистички да ни биде прикажана. Во секој случај, мора да се знае дека изолирани и константно раздразнувани со сите средствата на една силна големобугарска пропаганда, сите тие македонски одроденици, секогаш биле наркотизирани со ројалистичкиот големобугарски национален романтизам во форма на „автономија на Македонија“ како етапа за „соединување на Македонија со мајка Бугарија“. Воопшто нема да се погреши ако се каже дека од сите корозивно антимакедонски компоненти во процесот на развој на македонската национална свест, бугарската пропаганда, и пред, а особено по создавањето на Егзархијата, беше најтоксичниот и најштетниот елемент во македонскиот национален развој.

Оттаму, состојбата на фактите во нашето „големо македонство“, во нашиот „патриотизам“ денес е такво што на една страна се големите, леви и десни, македонски „патриоти“ кои во текот на транзицијата се претворија во тајкуни, олигарси, буржуи или, како што некои се претставуваат, „средно богати бизнисмени“, и кои се гоштеваат со печени прасиња и јагниња, со кавијар и лосос, а на другата страна обичните пауперизирани Македонци кои се (само)продаваат низ пазарите на човечко месо низ Европа и Америка. Секако, не верувам дека некој може сериозно да тврди дека нашите транзициски тајкуни со своите трговски ланци, хотели, фабрики и банки се грижат за интересот на македонскиот народ, дека многу се „заљубени“ во македонството или дека ги бранат интересите на Македонија. Та, некои од нив се јавно експонирани вљубеници во соседските пропаганди или, дури, прикриени агенти на странски тајни служби.

Од анемичната родољубивост на тајкуните и од токсичната љубов кон забеганото „библиско“ и „античко“ македонство на „професионалните патриоти“, односно на оние матни психотични ликови кои по трибини, на плоштадите, низ електронските и пишани медиуми „сечат вени“ за Македонија,  на татковината не ѝ се случуваат добри и полезни работи, туку напротив, од година во година ѝ станува сè полошо и полошо на сите полиња. Впрочем, плачењето на нашите пијани и дрогирани националисти и користољубиви малограѓански тајкуни за наводната политичко-национална импотенција на македонските луѓе, за тоа дека „нè не бива“ за да имаме своја држава, што попатно кажано е неточна и понижувачка теза, е предавничка нарација конструирана за да се прикрие сопствената национална инфантилност и одроденост, значи, тоа плачење и пиштење, не е само досадно и недостоинствено, туку е и крајно бескорисно и штетно.     

Така, заради десничарското врховистичко одродништво, континуитетот на македонската срамота уште трае. Се чини дека нашата грда историја, сè уште, не го завршила својот крвав и предавнички ôд, од Гарванов, Бабунски и Коте до денешниве врховистички вљубеници во национализмот и историографскиот, антикомунистички и антимакедонски, ревизионизам на Софија или Белград. Затоа, за жал, ќе биде потребно и понатаму да се расправаме и бориме со антимакедонци кои, или побегнале од психијатриските установи, или се наследно во крвно сродство со старите врховисти и фашисти, или се доверители на соседните разузнавачки служби. И, бидејќи немаме резервна татковина, оваа „битка“ за зачувување и афирмација на сопствениот македонски национален идентитет, која ни е наметната, ние Македонците, едноставно – мораме да ја добиеме.

 

Сподели: