На 14 ноември ќе биде отворено 12. издание на „Битола Шекспир фестивал“, со премиерата на претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел. Ова издание на фестивалот се одржува во знакот на уште еден значаен јубилеј – 82 години од основањето на Народниот театар – Битола, една од најзначајните национални театарски институции и важен столб во развојот на македонската театарска уметност.
Основан на 14 ноември 1944 година, Народниот театар – Битола низ децениите претставува средина во која се развиваат уметничкото творештво, културниот континуитет и сценската автентичност, оставајќи траен белег во македонското културно наследство.
Со својата долгогодишна работа, институцијата дава придонес во создавањето нови уметнички генерации, негувањето на театарската традиција и промовирањето на македонската култура во земјава и во странство.


