Алтернатива Настани

„БОИТЕ НА ВКУСОТ“ – интерактивна изложба на Дарко Аницин

Сподели:

 

Утре на 1 септември, со почеток во 18:30 часот, во Дом на култура „Кочо Рацин“ Скопје (зелен кров), се отвара самостојната изложба на академскиот графичар и графички дизајнер Дарко Аницин.

Целта на овој автономен и иновативен проектот насловен „Боите на вкусот“ е преку мобилизирање на граѓаните/ките, од различни културни средини, да ги поттикне на негување и афирмирање на традицијата и културата. Нешта кои се помалку или повеќе интересни во зависност од интересот на поединецот. Но нишката што ги поврзува сите, се провлекува во истражување и проверување на евентуалната приказна, што знае да ги обои денот и расположението е оној сегмент кој секој со задоволство го зема здраво за готово – храната. Храната овозможува своевидно директно искусување на историјата и културата, неизбежните составни делови од уметноста на гастрономијата, таа е еден од клучните елементи на материјалното културно наследство, еден од факторите на идентитетот на одреден народ, на одредено географско подрачје. Големо влијание врз нашата национална кујна, врз нејзиниот специфичен облик имаат Турците, поради долгиот престој на нашата почва од каде и доминантното влијание. Со појавата на печалбарството кон крајот на XIX век се воведуваат и новитети од Запад – тука се француската, унгарската, англиската, руската кујна – но незначително. Со текот на времето некои јадења, пренесувани со генерации, претрпеле влијанија (по вкус и боја) но целта е да ги зачуваме и грижливо да ги пренесеме на новите генерации.

 

 

Очекувани резултати се побудување на размисли кај општеството за изразување, негување и афирмирање на традицијата и културата на заедниците во нашата држава (Скопскиот, Полошкиот, Југозападниот, Пелагонискиот, Вардарскиот, Југоисточниот,Североисточниот, Источниот регион), поттикнување иновативност и креативност, практикување на уметноста во било која возраст.

Проектот започнува со објавување на јавен повик/интерактивен конкурс за учество на публиката, каде граѓаните и граѓанките праќаат по една предлог рецепта, состав со кои го подготвуваат своето омилено-традиционално јадење, јадење кое го афирмира или карактеризира поднебјето од каде што потекнуваат.

Експлозија од вкусови кои даваат специфична карактеристика на препознатливост и уникатност.

Дарко Аницин – авторот прави избор на рецепти/традиционални јадења по кои создава акрилни дела (експлозија на бои и вкусови) кои ќе ги претстави на интерактивна изложба, каде ќе може да се вкусат направените јадења според одбраните рецепти.

Интеракција помегу набљудувачот, традиционалните јадења и ликовни дела.

Како што велат, Празен стомак, глава не мисли.

***За авторот:

Дарко Аницин е роден 1977 година во Скопје. Аницин е академски графичар и графички дизајнер кој своето образование го има стекнато во средното уметничко училиште “Лазар Личеноски”, потоа на факултетот за ликовни уметности, при Универзитетот “Свети Кирил и Методиј” Скопје. Својата креативност веќе 25 години најчесто ја изразува преку ангажмани во областа на графичкиот дизајн, по што е и најпрепознатлив пред широката јавност.

 

Сподели: