Операција „Гробишта во Ладомирова“: Руската неуспешна (дез)информативна акција – Петер Дубочи

Сподели

 

Во Словачка во тек е една од многуте руски операции за пропаганда и влијание. Игор Братчиков, руски амбасадор во Словачка, шири пропаганда и дезинформации во врска со сквернавење на гробовите на руски војници, која е прифатена од оние кои го поддржуваат Кремљ, пишува Петер Дубочи, за Республика.

Селото Ладомирова се наоѓа во североисточна Словачка и има нешто повеќе од илјада жители. Всушност, тоа и нема некои конкретно економско или историско значење.

Освен едно. Во 2014 година во селото беше направена обнова на воените гробишта на загинатите војници од Првата светска војна.

Петер Дубочи

Обновата беше финансирана и од Руската амбасада. Поради заедничката историја, особено во периодот на светските војни, а подоцна и за време на советскиот период, руската страна беше навистина доминантна во однос на слични вакви активности во Словачка.

Покрај повеќето непожелни активности (како што се ширењето дезинформации, пропаганда, соработка со антисистемски актери), можеме да кажеме дека станува збор за сложена шема на влијание и на информативни операции кои се спроведуваат од Москва.

Истите се присутни во Словачка најмалку од 2014 година. Мрежата на актери кои, како дел од хибридните операции, делуваа под „реакцискиот“’ праг не се состои само од алтернативни медиуми, туку со текот на времето, овој екосистем го дозаокружија и политичари или претставници на државните институции.

Операција „Гробишта во Ладомирова“

Во средината на септември, низ светот кружеа вестите за нови руски злосторства во Украина. По петмесечна окупација од страна на руските сили, украинската армија откри масовни гробници на повеќе од 440 жртви во градот Изјум. Според очевидци, руските војници го привеле секој за кого постоел сомнеж за проукраински ставови.

Ситуацијата покажа дека масакрот во Буча не е аномалија. Напротив, активностите на Русија и систематското таргетирање на цивилни цели се слични на геноцид. Ова не се вклопува во претставата за „специјална воена операција“, која Кремљ се обидува да ја прикаже како легитимен чин со користење на аргументите на демилитаризација и денацификација.

Важни се и домашната и странската јавност. Доказите за руската бруталност треба да се сокријат и од двете јавности – формулата на четирите Д е нешто што и понатаму се применува: отфрли (dismiss), искриви (distort), одвлечи внимание (distract) и вознемири (dismay).

На 13 септември 2022 година се случија два настани – ослободувањето на Изјум и работната посета на рускиот амбасадор во Словачка, Игор Братчиков, на селото Ладомирова. Со цел наодите од Украина да бидат преплавени со информативен хаос, се покренува реторика насочена кон обвинување на градоначалничката на Ладомирова за сквернавење на гробовите на загинатите херои, инаку војници на руската царска армија. „Богохулниот“ чин е осуден од страна на руската амбасада на 15 септември.

Споредба на содржината помеѓу темите на Ладомирова и Изјум. Податоците се добиени од Герулата Јуно врз основа на пребарување со користење на клучни зборови „Ladomírová“ и „Izium“.

Етничката припадност се користи од информативната операција

Зошто, во тој случај, обвинението од Русите може да го опишеме како дезинформација? Како прво, гробиштата не се осквернавени. Отстранети се само рабниците околу крстовите, поради кои беше неефикасно одржувањето (косењето) на површината. Според историчарот Мартин Дробњак, реакцијата на руската амбасада во Словачка била несоодветна бидејќи гробиштата и понатаму биле во достоинствена состојба.

Второ, не е точен ниту наративот дека тоа биле гробишта на руската царска армија. И покрај фактот што гробиштата се означени како руски во заедничкото сеќавање на населението, во реалноста таму лежат загинати војници од повеќе држави. Ова е потврдено од архивите.

За време на Првата светска војна се следеше идејата дека сите војници, без разлика на војската во која се бореле, треба да бидат погребани достоинствено и на исто место. Меѓу незнаените војници кои се закопани на гробиштата се и припадници на австроунгарската војска.

Фотографија објавена на официјалната страница на Ладомирова во времето на изјавата дадена од рускиот амбасадор (15 септември 2022 година). Ја покажува вистинската состојба на гробиштата. Извор: Obec Ladomirová.

Важно е да се истакне фактот кој е очигледен од горенаведеното. Етничката припадност немала никаква улога во оваа ситуација, но послужила како алатка за руската информативна операција.

Прокси актери ѝ помагаат на руската домашна пропаганда

Факторот на неправда кон рускиот народ буди емоции со кои е многу лесно да се манипулира. Оваа логична шема може да се види во последниве години преку информативните активности на Русија.

Лажната порака е јасна: Русија се спротивставува на неправдата и русофобијата. Како резултат на тоа, поларизацијата се зголемува, омразата е неконтролирана и се случува информативен хаос. Сите овие потоа се засилуваат, особено кога прокси актери помагаат во ширењето на збунувачки и лажни информации.

Може да се каже дека случајот со Ладомирова немаше да го доживее својот првичен бум доколку измамата не беше дополнително раширена од страна на проруската моторџиска група „Брат за брата“, но особено од јавниот обвинител Марош Жилинка.

Тој ги опиша преземените чекори како „покажување на грубо непочитување“, активност која е „достојна за морална осуда“ и сакаше да се испита оваа работа за да се утврди дали било сторено кривично дело.

Да додадеме и тоа дека Марош Жилинка во минатото делуваше како медиум на проруски ставови, на пример во случајот со донесувањето на словачко-американскиот Договор за одбранбена соработка.

Ситуацијата, меѓутоа, е поочигледна во случајот со гробиштата; споделувањето на пропагандата на Кремљ за време на руската агресија на територијата на источниот сосед на Словачка во најмала рака е непожелно. Канцеларијата на јавниот обвинител силно се спротивстави на наводите за ширење руска пропаганда.

Кампањата за гробиштата Ладомирова, пак, беше започната од страницата „Брат за брата“ со споделување на фотографија од градоначалникот на Ладомирова, господинот Чупер, кој подоцна доби смртни закани. Мошне хумористично беше тоа што оваа страница ја откри и својата вистинска природа со буквалното копирање на изворниот статус на руската амбасада.

Лажните информации се шират и преку повеќе сметки на Телеграм, кој денес може да се смета за центар за проруските наративи кои се упатуваат во информативната средина на Словачка.

Извори на содржина на тема „Ладомирова“. Податоците се добиени од Герулата Џуно врз основа на пребарување со користење на клучниот збор „Ladomírová“.

Дезинформации беа споделувани и од други добро познати страници кои се дел од медиумскиот проруски екосистем (на пр. Slovanské noviny, nocomment.sk, Hlavný denník или Badatel.net). Неколку од објавите беа избришани од нивните автори по реакцијата од страна на државните органи.

И покрај тоа, руските медиуми успеаја да ја искористат ваквата ситуација. Веста за сквернавењето на гробовите на руските војници од Првата светска војна ја споделија голем број руски медиуми кои се под контрола на државата. Лажните информации беа исто така емитувани и на рускиот канал Росија-1.

Така се туркаше наративот за тоа дека гробиштата се исклучиво руски, и нивното наводно сквернавење совршено се вклопуваше во сликата на одмаздољубив и неправеден „колективен Запад“. На крајот на краиштата, во време на војна, демонизацијата на непријателот е најважната работа.

Неутрализирање во раните фази

Ако погледнеме од поведрата страна, на ширењето на оваа измама брзо ѝ се спротивставија повеќе државни и актери од граѓанското општество.

Прва беше полицијата на Република Словачка, која сосема јасно го означи Игор Братчиков како измамник кој шири руска пропаганда која го загрозува животот на лице кое е државјанин на Република Словачка (градоначалникот на Ладомирова).

Особено треба да се пофали координираниот одговор кој дојде од институциите и министерствата а кои ја препознаа актуелната информативна операција. Информациите за гробиштата беа јасно идентификувани како дел од руската пропаганда од страна на Министерството за надворешни работи и Министерството за одбрана. Министерството за надворешни работи исто така го повика Игор Братчиков на 20 септември. Во своето соопштение, Министерството ја осуди злоупотребата на меморијални места за цели на намерно ширење дезинформации.

Меѓу другото, Министерството за одбрана исто така посочи на контекстуалната злоупотреба на фотографии од страна на руската амбасада, кои првично беа фотографирани за време на градежните работи на почетокот на јуни.

Реакцијата која потоа дојде од државните институции беше дисеминирана до стотици илјади луѓе, а медиумите и јавниот сервис ја пренесоа и во ударните вести. Разоткривања беа исто така споделени и од неколку субјекти од граѓанското општество. Алтернативната сцена, сепак, ги претпочиташе изјавите кои дојдоа од Јавното обвинителство.

Фотографија објавена од Руската амбасада во Словачка. Фотографијата изворно датира од почетокот на јуни, кога на гробиштата имаше градежни работи.

По долгогодишно игнорирање на проблемот во вид на хибридни закани и дезинформации, горенаведените примери за идентификување на одредена операција, за реакција на истата и за координирана комуникација се позитивен сигнал.

Благодарение на сето тоа, информативната операција на Русија беше запрена уште во својот зачеток. Случајот со гробиштата Ладомирова не ги засени жртвите на руската агресија во градот Изјум.

Во секој случај, и понатаму се присутни факторите кои значат ранливост и кои се можни влезни точки за понатамошно спроведување на операции на руско влијание во иднина.

Словенски браќа?

Присуството на проруски чувства во словачкото општество е нешто што постои долго време. Ова произлегува од заедничката историја, конкретно од „ослободувањето“ кое се случи по Втората светска војна или периодот на помалку од половина век под владеење на СССР. Односот кон Русија или Западот, од друга страна, претставува една од главните линии на поларизација на словачкото општество.

Ова исто така произлегува и од убедувањето дека од 1990-тите години Словачка треба да биде неутрален геополитички мост (посредник) меѓу Западот и Истокот. Сепак, во однос на хибридните закани, ова е една од клучните ранливости што е искористувана од разни актери и од трети страни.

Во сето ова своја улога имаат и наративи кои се однесуваат на историски ревизионизам а кои свесно се шират, и идејата за словенизам во која Русија е претставена како голема мечка која ги заштитува традиционалните вредности (борба против декаденцијата на Западот).

Но, конечно се разоткри вистинскиот карактер и сликата на непријателот, кој во битката да ги освои срцата и умовите на луѓето само се преправал дека е нивни брат.