Бугарско МНР: Обиди за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата

Сподели

 

Министерот за правда Кренар Лога, го потпиша Решението со кое барањето за добивање на одобрение за користење на името ,,Иван Михајлов” во називот на употреба на Здружението Културен Центар Иван Михајлов-Битола се одбива како неосновано. 
 
Министерот Лога го потпиша решението имајќи го предвид негативното мислење на Комисијата за употреба на имиња на личности која денеска одржа седница и во образложението за негативното мислење наведе дека  дека именувањето на  какво било здружение на граѓани со името Иван ( Ванчо ) Михајлов претставува навреда и провокација на националните чувства на македонскиот народ со оглед на неговото јавно и постојано негирање на македонскиот идентитет, јазик и култура. Величењето и славењето на неговиот лик и дело предизвикуваат нетрпеливост, нетолеранција и омраза во македонското општество.  
 
Во членот  9-а од Законот за здруженија и фондации за употреба на име, презиме, псевдоним, прекар, кратенка или иницијали на личност, наведено е дека согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење од Комисијата за употреба на имињата на личности.
 
Бугарското министерство за надворешни работи денеска со реакција по оваа одлука.
 

„Министерството за надворешни работи со зголемена загриженост ги следи случувањата во Северна Македонија поврзани со обидите за ограничување на правото на здружување на Бугарите во земјата“, пренесува БГНЕС.

„МНР потсетува дека во 2009 година Европскиот суд за човекови права донесе пресуда против Северна Македонија за повреда на чл. 11 од ЕКЧП (право на здружување). Во одлуката на судот се наведува дека името на здружението „Радко“ (псевдоним на Иван Михаилов) само по себе не може да се земе како ризик и закана за јавниот ред“, се вели во соопштението.

„Одлуките што ги донесоа властите во Северна Македонија се директно поврзани со степенот на демократизација во земјата. Тие се во спротивност со заложбите на Скопје во областа на човековите права и обврската да обезбеди еднакви права и слободи за сите граѓани, вклучително за оние кои се дефинираат како Бугари“, се додава.

Во соопштението се потсетува и дека оваа обврска Македонија ја презела при потпишување на Записникот од состанокот на Мешовитата меѓувладина комисија потпишан на 17 јули 2022 година, формиран врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка.