Чифте Амам: Изложба на Ибрахим Кодра

Сподели

 

Чифте Амам, Изложба на Ибрахим Кодра, 12. мај

Националната галерија на Македонија со особена чест и задоволство ја најавува изложбата „100 години од раѓањето на Ибрахим Кодра“, која ќе биде реализирана во соработка со Националната галерија на Косово.
Ибрахим Кодра (22.04.1918, Ишем, Албанија – 07.02.2006, Милано, Италија), светски познатиот албански уметник животниот пат од Албанија го води во Милано и Рим, Италија, каде творечки се развива во светската Академија за ликовни уметности Брера. Тој создава, другарува и изложува со најпознатите имиња на светската уметност во тоа време, како што се: Пабло Пикасо, Анри Матис, Амадео Модиљани, Жорж Руо, Жорж Брак, Хуан Миро, Оскар Кокошка и други, а во Милано изработил повеќе фрески за најпознатите музеи и згради.
Кодра изложува низ повеќе центри во целиот свет (Њујорк, Токио, Палермо, Штутгарт и други), достигнувајќи многу голем успех. Неговите уметнички дела, создадени со пост-кубистички влијанија, се збогатени со реминисценции на традицијата на неговата татковина, Блискиот Исток, Византија, средбите на културите на Средоземното Море. Неговите уметнички дела се наоѓаат во многу музеи и приватни збирки, како што е Музејот на Ватикан.
Ова претставување на творештвото на светски најреномираниот албански уметник, кој изложувал и соработувал со со многу светски имиња кои го означиле текот на модерната и современа уметност во Европа и светот, ќе опфати дела од различни творечки периоди на Ибрахим Кодра. На изложбата ќе бидат претставени дела кои се сопственост на Националната галерија на Косово и Фондацијата „Ибрахим Кодра“ од Милано, Италија.
Изложбата ќе биде отворена на 12 мај 2018 година, во 20 часот, во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам и истата ќе биде отворена до 12 јуни 2018 година.