ЧИФТЕ АМАМ: Меѓународна групна изложба „Набљудување без набљудувач“

Сподели

133389943-670x308

Во галеријата Чифте амам вечер ќе биде отворена меѓународна групна изложба „Набљудување без набљудувач“ – поставка составена од дела во кои како мотив и објект се појавува присуството на човекот, телото, фигурата и телесноста, и нивните модификации од аспект на уметнички промислувања и авторски перцепции.

– Самите дела, освен субјективниот контекст, ги изразуваат и социокултуролошките актуелности/опкружувања од кои овие теми се извлекуваат и креираат, соопшти организаторот на изложбата на Националната галерија на Македонија.

 Куратори на изложбата се Дејан Буѓевац и Мира Гаќина, а поставката ја сочинуваат остварувања реализирани во последните години од авторите: Мирна Арсовска и Велимир Жерновски од Македонија, Ино Зељак и Горан Шкофиќ од Хрватска, Верица Ковачевска (Македонија/Швајцарија), Јулија Кран (Германија/Италија), Тијана Луковиќ и Марија Ќалиќ од Србија.

– Иако сосема различни по својот визуелен, естетски, поетски и ликовен јазик, изборот на изложените дела укажува на одредени заеднички нешта, а тоа е пред се уметничкиот однос кон телото/фигурата како сложен сетилен и флуиден механизам испреплетен од различни сензации, перцепции, афекти и мненија, коишто никогаш не можат да бидат доволно минати и трајни, односно секогаш се сегашни… Овие уметници создаваат сетилни композиции, односно дигитални и тактилни естетизации исполнети со еден „интензивен реализам“, којшто ја изместува „површината“ меѓу оптичката или хаптичката перцепција, соопшти НГМ.