Д-р Сашко: Јовев Тимот што победува не се менува!

Сподели

 

Разрешениот директор на Клиниката за Кардиохирургија, професорот, доктор Сашко Јовев, на денешната прес конференција прочита писмо напишано заедно со колективот на Клиниката за кардиохирургија.

 

 

“Ако се работи за суета или за политика, тоа е многу лошо за сите нас кои работиме професионално и не сме политилчки кадри. Јас не сум партиски кадар. Имав поддршка од СДСМ за кардиохирургијата која за 8 години стана ултрамодерен центар за операции и лекување на срце, за што порано се одеше во странство. Тука се лекуваат најтешки пациенти со најсовремена опрема за интензивна нега. Се користеа и европски проекти и нашата клиника стана регионален центар за кардиохирургија, а сега за награда се менува менаџерскиот тим. Во оваа држава како да важи правилото ако сте најдобри значи не чини. Еднаш треба да се тргне политиката од прфесионалноста, од она што треба да се работи професионално“, изјави денеска Јовев.

За 35 години работа немам ниту еден ден боледување. Минатата недела за првпат земав боледување заради притисоците што ги имав. 

Во нашата земја само успехот не се простува. Каква порака ќе оставиме кон младите генерации? Од проект израснавме во регионален центар. Сега за награда, дали од каприц, дали од скриена сугестија, добиваме смена на менаџметот на Клиниката. Покажуваме одличен пример на младите генерации, дека ако се учи и создава, ако се оперира 24/7, ако се сака земјата, ако се биде пожртвуван за пациентите, ако се опреми клиниката како најмодерните, не чини и треба да ги напуштиме клиниката и земјата или да не се прави сето тоа?“, праша Јовев читајќи го писмото напишано со колегите.

Тој посочи дека за него во животот постојат два начина на однесување – да се работи, создава и учи или да се гази по тоа. Докторот Јовев ги повика Министерството за здравство, министерот и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување.

Имав притисоци дека сум направил грешка, дека грешката е во самиот протокол при еден прекрасен настан во саботата кога отворивме нова хибридна сала, единствена во регионот. Кога го пуштивме во употреба апаратот што одржува во живот човек без срце и бели дробови цели три месеци. Тогаш се случи уредно да бидат поканети сите, министерот за здравство не дојде оти смета дека доцна му била дадена поканата, дека премиерот ја добил малку порано. Јас тука не можев да се мешам, па се најдов во средината и на крајот да излезам жртва. Не излегов јас само жртва, излезе жртва Кардихирургија.

„Цврсто стоиме на ставот дека тимот што победува не се менува. Да ја оставиме политиката на страна. Ако сето ова се прави, се има магистериум, докторат, три специјализации, титули за редовен доживотен професор, се оперира, се едуцира, се воведува сѐ што е најново, значи дека се спие? Не знам, да видиме“, додаде Јовев читајќи го писмото.

 

Пред Кардиохирургија дојдоа пациенти, кои му изразуваат поддршка на професорот доктор Сашко Јовев.

„Дојдовме да му дадеме поддршка на Јовев, кој се бореше да ни даде нови животи”.

“Не сакаме да го изгубиме стручњакот што перфектно си ја врши својата работа. Срамота е ова што се прави.”

“Пред една година имав тешка операција на Кардиохирургија. Дојдов во последен момент како тежок случај. Благодарение на професорот и тимот, со силна и тешка операција, преживеав. Еве живеам и се надевам дека и натаму ќе живеам. Кога лежев на интензивна нега, ќе се сеќавам на моментите, секој ден по неколкупати професорот доаѓаше на интензивна нега ако нешто не беше во ред. Професорот прашуваше како сум, се бореше за пациентите, даваше насоки. Му давам голема поддршка, не е во ред ова што се прави“, вели Љупчо Ангеловски, пациент.

„Потресена сум и ова ме погоди. Оперирана сум од срце. Ме прими од ходникот. Не може некој да го избрка од дома, тој овде е дома. Нема правда овде, срамота е ова.”, беа изјавите од неговите пациенти кои дојдоа да му дадат бескрајна поддршка.