Данела Арсовска како независен кандидат за градоначалник на Скопје

Сподели

 

Данела Арсовска, претседателката на Сојузот на стопански комори на Македонија, на својот ФБ профил објави дека е независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја побара поддршката на граѓаните кои, како што напиша, сакаат промени.

“Би сакала со Вас јавно да споделам и официјално ја објавам својата кандидатура како независен кандидат за градоначалник на Град Скопје и ја барам поддршката од сите Вас чесни луѓе кои сакаат промени. Време е да делуваме различно од досега, а времето не чека никого. Доаѓа крајот на политички агенди и лажни ветувања. Политички калкуланти, лаги и корупција континуирано ни ги одземаат шансите за нормален живот. Заткулисни игри предолго го окупираат градот и неговото функционирање, а незадоволството кај граѓаните континуирано се зголемува. Или ќе стоиме на страна или ќе се спротивставиме и ќе почнеме заедно да ги менуваме работите.”

 

 

Партизираност на институциите или одлучност и професионалност за пристоен живот! Време е да се одбере – празни ветувања, нереализирани проекти или вредни, способни и исполнителни личности кои нема да потпаднат под политички притисоци и нема да се откажат од својата визија. Ние како граѓани не бараме многу. Не бараме лажни ветувања кои никогаш нема да бидат исполнети од страна на политичарите. Напротив, ни требаат храбри личности кои ќе ги застапуваат нашите права и привилегии и ќе се грижат за нашите потреби за достоен живот како што заслужува секој еден граѓанин. Мора да имаме храброст и да кажеме “Ние заслужуваме подобро!”, пишува Арсовска во објавата на нејзиниот фејсбук профил.

-Како изградена личност и жена која со труд и посветеност успеала во личните и професионални предизвици, Ве повикувам ЗАЕДНО да се посветиме Скопје да прерасне во современа и Европска метропола! Да победиме заедно! Да создадеме поврзан град, центар на културата и спортот, град на солидарноста и соживотот. Еколошки чист и зелен град. За младите кои градат иднина. Компетентни луѓе на вистинските места. За луѓето кои сакаат сигурност и стабилност. Скопје кое се грижи за скопјани! Заедно! Силно! Да покажеме знаење, порачува Арсовска.