Демант до СДС: Скопје се крева на нозе, а вие тонете во сопствените лаги

Сподели:

На СДС очигледно најмногу му пречи кога во Скопје се работи. Секој нов автобус, секој исчистен простор и секој проект што се придвижува е потсетник за нивните пропуштени шанси и неисполнети ветувања.  Наместо да понудат решение, повторно нудат лаги. Наместо да објаснат што оставија зад себе, напаѓаат сѐ што денес се прави за граѓаните. Но, сопствената неспособност не се прикрива со партиски соопштенија!, реагираат од Град Скопје

Затоа, еве што не можете да избришете: Во мандатот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се набавуваат 100 нови еколошки автобуси кои треба да пристигнат во Скопје.

Од затекнати 135 автобуси во сообраќај, денес сообраќаат 200 автобуси на ЈСП.

Набавени се нови возила за комунална хигиена – камиони, цистерни и метларки и 3.300 нови контејнери што е најголемата набавка во историјата на градот. И тоа по речиси двојно пониска цена од онаа што се плаќала во ваше време!

Имате ли одговор за ова, СДС? Како денес, во услови на повисоки цени, се набавува поевтино отколку кога вие раководевте со градот? Пред да држите лекции, објаснете како сте ги трошеле парите на скопјани! Во Бутел, Ново Лисиче и Карпош, запуштените простори и депониите им отстапуваат место на паркови. Таму каде што со години се натрупувале отпад и негрижа, денес се создава простор за децата, семејствата и граѓаните.

Се завршуваат и инфраструктурните проекти што предолго беа симбол на застојот. Булеварот „Борис Трајковски“ добива завршница по децении чекање. Тука се и ,,Момин Поток”, мостот на “Љубљанска”. Се решаваат и пристапните врски кон мостот што го оставивте како споменик на апсурдот – мост што води во спална! Тоа е вашето политичко наследство за кое треба да дадете одговор. Денешната работа нема да ја запрете за полесно да го сокриете вчерашниот неуспех.

А кога веќе зборувате за грижа кон граѓаните, одговорете и зошто не ја поддржавте финансиската помош за онколошките пациенти. Каде ви беше грижата кога требаше да се гласа за луѓето на кои поддршката им е најпотребна? Граѓаните ве прочитаа.

Пораката од Брвеница ви е уште свежа. Наместо да извлечете поука, повторно посегнувате по истите методи што ја урнаа довербата во вас. Скопјани немаат обврска да ги трпат вашите партиски фрустрации. Тие заслужуваат превоз, чисти улици, зеленило и завршени булевари.

Токму за тоа се работи секој ден. Скопје нема да чека СДС да се помири со туѓите резултати. Вие продолжете да пишувате соопштенија. Ние ќе продолжиме да работиме, а граѓаните ќе судат, се наведува во соопштението на Град Скопје по обвинувањата на СДСМ.

Сподели: