Претставата „Вонземјани“, во режија на Васил Михаил, вечер во 20 часот ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар (МНТ). По текст на Игор Кузмановски, претставата е копродукција на продукцијата „Мана“ и МНТ, а во неа играат Нино Леви, Димитрина Мицкоска, Марија Новак, Наум Георгиевски и Димитар Паскоски.
Преку комедија, сатира и гротеска, „Вонземјани“ отвора прашања за губењето на човечноста, љубовта, солидарноста и сочувството, како и за слабостите на современото општество. За актерот Нино Леви, претставата има посебно значење бидејќи со неа одбележува 40 години професионална дејност.
Претставата е дел од соработката со МНТ, а се планира да продолжи да се игра на сцената на националниот театар, како и да гостува низ земјава и на театарски фестивали.


