Ден на Корејската култура во КИНОТЕКА

Сподели

 

Во сабота, на 11 ноември, Амбасадата на Република Кореја го организира „Денот на Корејската култура во Скопје“. Настанот ќе започне во 15 часот во Кинотеката на РС Македонија.
 
Помеѓу 15 и 16 часот посетителите ќе имаат можност да вкусат корејски слатки, да облечат традиционална облека (ханбок) и така да се фотографират, или пак да освојат специјална корејска награда на томбола.
Од 16 часот почнува ексклузивната проекција на играниот долгометражен ОДЛУКА ЗА ЗАМИНУВАЊЕ (Heojil kyolshim / Decision to Leave, 2022) на корејскиот режисер Паак Чан-ук кој ја доби „Златната палма“ за режија на Канскиот фестивал во 2022 и беше јужнокорејски кандидат за „Оскар“ во 2023.
 
Паак Чан-ук (Park Chan-wook, 1963) е еден од најзначајните режисери на современата корејска кинематографија, а неговите филмови ЗАЕДНИЧКА ЗОНА НА БЕЗБЕДНОСТ (Joint Security Area, 2000), СОЧУВСТВО ЗА Г. ОДМАЗДА (Sympathy for Mr. Vengence, 2002), ОЛДБОЈ (Оldboy, 2003), ЖЕД (Thirst, 2009), СЛУГИНКА (Handmaiden, 2016) и други се меѓу најнаградуваните корејски филмови не само на домашните и азиските, туку и на филмските фестивали ширум светот.
 
ОДЛУКА ЗА ЗАМИНУВАЊЕ е криминална нео-ноар драма во која детективот кој ја истражува смртта на еден човек се вљубува во сопругата на починатиот, иако истовремено ја смета за главната осомничена. Во истрагата за убиство се испреплетуваат страст, лаги и неизвесности.
Филмот за прв пат се прикажува во Скопје и влезот ќе биде бесплатен – без резервации, по системот „прв дојден, прв услужен“. Филмот не се препорачува за деца под 15 години.